Европската Унија започнува нов процес на регулација со кој директно се таргетира количеството отпад од амбалажа. Новите европски прописи предвидуваат постепено отстранување на пластиката и преголемите пакувања од секојдневната трговија, а голем дел од клучните мерки кои директно ги засегаат потрошувачите стапуваат на сила до 2030 година.
Статистиката на Евростат јасно ја покажува потребната промена: во 2023 година, секој жител во земјите членки на ЕУ продуцирал просечно по 177,8 килограми отпад од пакувања. Планот на Унијата е оваа бројка постепено да се намалува, така што до 2040 година вкупниот отпад од пакувања да се намали за 15 отсто во споредба со почетната 2018 година.
Додека европските земји забрзано воведуваат ред во управувањето со амбалажата, Македонија се соочува со сериозни домашни предизвици во оваа област. Државата со години се бори со масовно присуство на пластичен отпад, несовесно фрлени шишиња и најлонски кеси кои завршуваат по диви депонии, крај речните коритa и во природата, покажувајќи ја сета неопходност од целосно преземање и побрзо приспособување кон ваквите строги еколошки стандарди.
За да се стави крај на ваквата практика новите европски прописи предвидуваат садолжително рециклирање. Секоја амбалажа пуштена во промет мора целосно да одговара на стандардите за рециклирање. Од ова правило се изземени само специфични материјали, како што се лесното дрво, плутата, текстилот, гумата, керамиката, порцеланот и восокот.
Новото законодавство става крај на оптичките измами. Строго се забрануваат кутии и амбалажи со двојни ѕидови, лажни дна или вишок слоеви кои намерно создаваат лажна слика дека купениот производ е поголем отколку што е во реалноста.
Се налага минимализам во пакувањето. Од 1 јануари 2030 година стапуваат на сила ригорозни ограничувања за волуменот на амбалажата. Увозниците и домашните производители ќе имаат законска обврска пакувањата да ги симнат на најмалото можно ниво.
Почнувајќи од февруари 2029 година, амбалажата за повеќекратна употреба мора експлицитно да се обележува и визуелно да се разликува од онаа за еднократна употреба, обврска која важи и за стандардните дуќани и за интернет-трговијата.
Исто така од февруари 2027 година, рестораните и кафулињата ќе мора да имаат флексибилност и да прифаќаат садови што клиентите самостојно ги носат за своите нарачки од тип „храна и пијалаци за носење“.











