Додека трае откупот на домашната реколта тутун, нема да се увезува тутун од странство. Ова е една од клучните измени во Законот за тутун кои поминаа во Собранието и веќе од 29 јули, со објавување во Службен весник, се на сила. Сојузот на земјоделските здруженија е задоволен од законските измени и смета дека вака се штити домашното проиводство.
„Со ова, прво, го заштитуваме нашето, домашно производство на тутун. Значи, од 16 ноември па до 28 февруари наредната година, додека трае откупот, да не може да се купи, да се увезе ниту еден килограм тутун. Тоа ни беше најбитно и голема помош имавме од Министерството и министерот за земјоделство, вели Кире Ристески, претседател на Сојузот за агенцијата МИА.
За МИА од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство прецизираат дека уште од февруари се донесе решението дека се неопходни законските измени за да се подобри прометот, откупот на тутун и да се поддржи оддржливото производство.
„Измените на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи се однесуваат на подобрување на откупот, прометот и контролата на тутунот, забраната за увоз на необработен тутун, тутун сушен на сонце за време на периодот на откуп на тутун од домашно производство, обврската на откупувачите на тутун за водење на евиденции за откупените, увезените и обработените количини на тутун и внес на податоците во информативниот систем за евиденција на тутунското производство, подобрување на условите за обработка на откупениот тутун за откупувачите на тутун, велат од Министерството за земјоделство.












