Завршните сметки на основните и средните училишта од градот беа пред битолските советници. За власта се неприфатливи бидејќи како што рече координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ Бојан Бојкоски, во дел од училиштата има сериозни индиции за нерегуларности.

„Основните и средните училишта во градот советничката група на ВМРО ДПМНЕ нема да ги поддржи бидејќи сведоци сме дека во измзинатиот период низ медиумите и она што го направи Општината на неколку ревизии во основните и средните училишта, таму има сериозни индиции за нерегуларности, веќе се прават завршните фази од ревизијата, сите тие ревизорски извештаи ќе бидат тука и општина Битола ќе биде должна да ги проследи до надлежните институции за истите да има одговорност“, рече Бојан Бојкоски, советник од ВМРО ДПМНЕ.

За завршните сметки на три училишта Поинаку гласаше против, бидејќи како што рече претседателката на Совет Илиевска директорите не дошле не дошле на Комисијата за финансии да дадат одговор на прашањата што таа сакала да ги постави.
„Училиштата се под надлежност на Општина Битола, директорите се директори на сите, не само на партијата која била на власт и градоначалникот којшто ги назначил и јас сум навистина запрепастена од тоа што на Комисија бевме како Совет какао институција игнорирани. Со исклучок на директорот на ОУ „Кирил и Методиј“, директорот на Земјоделското училиште, директорот на ОУ „Трифун Пановски“ и директорката на градинката „Мајски цвет“.Апсолутно ниеден друг директор не дојде на Комисијата каде што требаше да ги образложат своите завршни сметки. Знаат колегите дека и во минатиот Совет јас лично кажав дека доколку немаат блокирани сметки и доколку училиштата си ја бркаат работата, не гледам причина зошто овај Совет не би им ги гласал завршните сметки, меѓутоа игнорирањето на институцијата Совет и Општина зборува дека тие во овај момент се доживуваат најверојатно каао партиски избраници, јас друго објаснување немам, бидејќи јас лично, а знаат и колегите од Комисијата дека гласав за завршните сметки, не гласав само за неколку заради тоа што имав прашања, а немаше кој да ми ги одговори. Се работи за три училишта за кои навистина имав прашања, а сакав да знам, а тоа го немаше во материјалите“, рече Габриела Илиевска, претседател на Совет.

Нешто што добро се направило треба да го поздрават, а не да го критикуваат, вели советникот од СДСМ Илиевски.
„Срамен потег велам дека добро знаеме дека Општина Битола во измзинатите 4 години вложи многу во основното и средното образование во нашиот град и во градинките. Добро знаеме во каква кондиција ги презедовме училиштата, а добро знаеме во каква кондиција се сега. Срамен потег е навистина, нешто добро што се направило треба да го поздрават и да продолжат да го работат, а не да го критикуваат“, рече Методија Илиевски, советник од СДСМ.

За Левица завршните сметки на основните и средните училишта биле добри.
„ Според нас завршните сметки се добри, не можиме да коментираме ништо лошо, сите се оставени во некоја позитива што се однесува до финансиите, за некои ќе гласаме против, а некои ќе ги поддржиме“, рече Горан Велевски, советник од Левица.
Политичките партии претставени во Советот преку нивните советници на секоја седница се занимаат и со тоа која точка од кој е гласана. Често опозицијата ќе забележи дека Поинаку или пак Левица гласале поинаку од ВМРО ДПМНЕ и тоа го толкуваат како нешто дека не е во ред со соработката меѓу нив или нивната коалиција. Од Поинаку многупати пак кажале дека за нив не е пресудно дали со некој соработувале или не, туку дали предлогот или точката држи место да се гласа, или велат како и другите се што е во интерес на Битола ке го добие гласот.












