Лидерот на СДСМ Венко Филипче во своето излагање на денешната Конвенција за промоција на кандидатите за градоначалници и советници истакна дека партијата е обединета околу воспоставување на вредносен систем во кој патриотизмот и достоинството не се злоупотребуваат за партиски рејтинг, туку значат обезбедување безбедни, чисти и здрави средини за македонските граѓани, како и секојдневна грижа за тоа како животот на сите ќе биде подобар.
„Зад мене стојат нашите кандидати за градоначалници и советници, луѓе што живеат чесно, работат чесно и ќе служат чесно, професионалци, активисти, наставници, лекари, инженери, претприемачи, лица со интегритет, и токму од нив барам на овие избори својот збор да го дадат пред граѓаните, а не пред партијата, да работат со отворени врати, да се однесуваат скромно, да одговараат на секое прашање и да носат одлуки во јавен интерес“, укажа д-р Филипче, нагласувајќи дека токму ова е суштинската предност на СДСМ во однос на власта на ВМРО-ДПМНЕ и најважната разлика што ќе се одрази на квалитетот на локалната самоуправа.












