Денеска битолските советници едногласно ја усвоија одлуката за отпочнување на постапка за изработка на ГУП за градот Битола.
Минатата недела надлежните од општина Битола кажаа кој ќе го изработи ГУП и кој е рокот на изведба.

„Согласно член 24 од Законот за јавни набавки како изработувач ќе биди ЈП за Проектирање и инженеринг, веќе истото има изработено и динамички план. Согласно нивната динамика изработката ќе трае 34 месеци. Во оваа година префрлени се 6 милиони денари со ребалансот на буџетот во Одделението за еномски развој и согласно тоа ќе склучиме договор со ЈП за отпочнување“, рече Венцо Шишкин од Општина Битола.
Ова е прв чекор за Битола да добие ГУП после повеќе од 20 години, рекоа од ВМРО ДПМНЕ и од Поинаку.

„Ќе дадеме согласност за склучување на договор помеѓу Општина Битола и ЈП за проектирање и инженеринг со цел изработка на ГУП кој повеќе од 20 години не е ревидиран и направен. Од информациите коишто ги имаме од страна на стручните служби кои претходно работеле на ГУП, периодот кој што ќе биде потребен е околу 36 месеци“, рече Бојан Бојкоски, советник од ВМРО ДПМНЕ.

„Ова е конечно започнување, односно прв чекор дека Битола ќе добие ГУП, добро е што почнуваме од некаде“, рече Габриела Илиевска, претседател на Совет.

Опозицијата ја поддржа Одлуката, но сметаат дека власта ја носи за да претстават дека нешто работат.
„Се што е од курцијално значење за Битола ние ќе го поддржиме и ова, меѓутоа како и многу досегашни одлуки кои ги донесовме во изминатите 6 до 7 месеци, така мислам дека и за оваа одлука се работи за партиско политички маркетинг, да претстават дека нешто работат, а мислам дека премногу бавно работат или ги прекриваат своите неспособности во делот на работата и интензивноста која ја очекуваат граѓаните на Општина Битола“, рече Методија Илиевски, советник од СДСМ .
Потребата од носење на нов ГУП кој е стар повеќе децении во предизборието беше една од главните теми на кандидатите.












