Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека за да се спречи нова руска офанзива, потребни се најмалку 200.000 мировници од Европа. Зеленски ја даде изјавата на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, еден ден откако Доналд Трамп повторно ја презеде функцијата претседател на САД со ветување за брз крај на војната во Украина.
Украинскиот лидер апелираше до европските држави да преземат поодлучни чекори за заштита на континентот.
„200.000, тоа е минимумот. Сè под тоа би било еднакво на ништо“, рече Зеленски учествувајќи на панел дискусија по неговото обраќање на форумот.
Тој не изнесе детали за планот, туку само посочи дека за таков договор најверојатно ќе бидат неопходни европските мировници да ја одржат стабилноста.
Зеленски, исто така, истакна дека Трамп има намера да се консултира со рускиот претседател Владимир Путин и да договори средба со Украина.
За време на панелот, Зеленски зборуваше за значајната разлика во воената сила меѓу Украина и Русија.
МИА












