Синоќа во Битола беа прогласени најуспешните велосипедисти и велосипедски клубови победници на ранг-листа во лига систем натпреварите од календарот на Велосипедската федерација на Македонија за 2022 година.
Велосипедската федерација на Македонија согласно Програмата секоја година традиционално ги прогласува најуспешните поединци и клубови, оваа година по 75-ти пат се одржува овој настан. Оваа година организатор на настанот беше Националната мрежа за спорт и млади заедно со Велосипедската федерација на Македонија.
Нашите најдобри велосипедисти со репрезентативните селекции и клубови во 2022 година во друмски велосипедизам учествуваа и остварија добри спортски резултати на Европското првенство во Португалија за јуниори и У-23, Европското првенство во Германија во категоријата елит, сениорите и јуниорите настапија во Турција, велосипедистите се натпреваруваа во обиколка на Бугарија, па по патеките на Римјаните, на Купот на Средногорие, јуниорите настапија на „Трофејот Милан Паниќ“ и на Балканското првенства во Грција во планински велосипедизам со сите селекции.
Исто така клубовите членови на Велосипедската федерација во изминатава година настапуваа на повеќе меѓународни натпревари, од календарот на УЦИ надвор од Македонија на кои некои од нив постигнаа добри резултати.
„Натпреварите од календарот на ВФМ беа организирани на високо ниво и за тоа им искажуваме голема благодарност на клубовите кои беа технички организатори на овие натпревари. Секако огромна благодарност и до општините и градоначалниците кои го препознаа потенцијалот на велосипедизмот како спорт и ги поддржаа програмските активности на Велосипедската федерација. Покрај досегашните во следната година очекуваме уште поголем број на општини да се приклучат во реализацијата на програмата за 2023 година која ја спремаме во соработка со нив.
Во оваа пригода би сакале да искажеме благодарност и до Агенцијата за млади и спорт која во голема мера како и изминатите години ја поддржа програмата на федерацијата“, велат од федерацијата.
Целите за следната 2023 година се поврзани со настапи на Европските и Светските првенства и можност нашата земја да произведе олимпиец во овој напорен спорт.












