Во Офицерскиот дом во Битола, пред голем број на љубители на ликовната уметност, беше отворена изложбата “Поема на атомите“ на Благојче Петровски .На истата беа претставени 50-тина дела.

За изложбата и делата на Петровски зборуваше и историчарот на уметност, графичарот, ликовниот критичар Владо Ѓорески. Авторот Петровски се заблагодари на организаторите и присутните и истакна дека изложбата ја подготвувал од крајот 2022 година. Рече дека битолската публика знае да го цени и да го почитува уметничкиот израз, имајќи толку богато културно наследство кое секако влијае на вкусот како важен дел од идентитетот на битолчани. За изложбата истакна дека е инспирирана од древната поезија на Руми, легендарниот поет и мистик од 13 век.

За истата рече дека во времето кога фреквенциите на стрес и негативните енергии преовладуваат, кај сите нас на различен начин се појавува потребата за извор на нивно прочистување и обнова. Точно таа потреба најде израз во овие дела на оваа изложба насловена како „Поема на атомите“ за кои верува и се надева дека придонесуваат кон ако не прочистување тогаш барем амортизирање на нашето секојдневие. Делата на Петровски за прв пат беа изложени на 10. декември во галеријата „Ко-ра“ во Скопје во рамките на заедничкиот настан со оперската пејачка Биљана Бајевска посветен на арии и дуети од операта „Травијата“, потоа изложбата беше презентирана и во Кавадарци во домот на културата „Иван Мазов – Климе“.

Благојче Петровски е роден во Битола. Сликарски твори последните триесетина години, најмногу во сферата на иконографијата и во сферата на сопствените размислувања и интерпретации на темите, естетиката и импресиите на повеќеслојните состојби во кои постои. Учесник е на повеќе самостојни и групни изложби во Македонија и надвор од земјата од периодот од 1997 па се до денес. Беше дел од групата која го сликаше прекрасниот фрескоживопис на црквата СВ. Димитрија во Кавадарци .












