Во ликовната галерија од прилепскиот центар за култура „Марко Цепенков“, беше отворена изложбата на дела на уметникот од Србија, Среќко Здравковиќ. Делата се слики и цртежи и со оваа изложба Здравковиќ одбележува 50 години уметничко творештво. Уметникот беше годинешен учесник на меѓународната ликовна колонија Дрен 2024, што се одржа во Прилеп по 16-ти пат. Изложбата ја отвори Каролина Мицевска, лице за односи со јавност при Центарот нагласувајќи дека Здравковиќ е препознатлив со автентичен уметнички ракопис.
„Неговите дела се преполни со фигурација, со симболи и е зрел автор во уметничкото изразување“, рече Мицевска.

Авторот Здравковиќ го изрази задоволството од половина век сопствено творештво. Тој е добитник на бројни награди и признанија за исклучителен придонес во културата во Србија. Покрај со уметничката работа, се занимава и со графички дизајн и педагошка дејност. Среќко ѝ пристапува на креативноста на најспонтан начин од голема љубов и чувство за сопствена дарба, покажувајќи дека она што го прави автентичен и препознатлив уметник е едноставниот креативен пристап и острото чувство за просторот и личноста во него. Овој едноставен принцип е толку сложено чист и во изразот и во духот. Со оваа изложба уметникот докажува дека е сосема точна изјавата дека уметниците кои се занимаваат со фигурација претставуваат ретки поединци. Фигурацијата е првенствено за оние кои точно знаат што сакаат, па затоа најмногу одговара на зрелоста на нивните верувања, но и на процесот на рано иницирање во тајните на уметничкото изразување.

Член е на ULUS од 1985 година, како и на Меѓународната асоцијација на уметници (IAA AIAP UNESCO). Самостојно изложувал околу седумдесет пати, групно изложувал на околу 500 изложби, учествувал и на голем број ликовни колонии и ликовни собири (околу 250 учества). како на меѓународни симпозиуми за уметност (Словачка, Полска, Унгарија, Македонија). Добитник е на наградата за унапредување на културата и за исклучителен придонес во културата (Меѓународна колонија „КРИВ НА СРБИЈА“ Лепосавиќ), но најомилени награди како што уметникот истакна се: пофалница на наставничката Данилка Ристиќ во 4-то одделение основно училиште, и (прво) место на натпреварувачкиот дел (Акварел во минијатура), на Меѓународната акварел колонија „САВА“ во Босански Брод. Покрај уметничката работа, се занимава и со графички дизајн и педагошка работа преку Отвореното студио-уметничко училиште „СРЕЌКО“ за подготовка на ученици и студенти за продолжување на образованието од областа на визуелните и ликовните уметности). Графички уредувал 150 книги, плакати, брошури, каталози, дизајнирал 100 меморандуми-заштитни знаци. Има извајано десетина портрети во бронза, реализирани неколку мозаици на цркви и насликани околу 50 икони и насликани цркви („ал-секо“ фрески).












