Израел денес изврши воздушен напад врз општинското седиште во Набатие, главен град во јужен Либан, при што загинаа градоначалникот и уште најмалку пет други, јавува Ројтерс.
Нападот ги зголеми стравувањата дека проширената воздушна кампања на Израел, дизајнирана да го уништи Хезболах поддржан од Иран, може сè повеќе да вклучи јавни службеници и згради, кои досега беа поштедени.
Привремениот либански премиер Наџиб Микати го осуди нападот врз главниот град на провинцијата, велејќи дека тој „намерно бил насочен на состанокот на општинскиот совет на кој се разговарало за состојбата на услугите и помошта во градот“.
Министерството за здравство соопшти дека се убиени шест лица, а министерот за внатрешни работи ја потврди смртта на градоначалникот.
Откако Израел првпат издаде известување за евакуација на Набатие, град со десетици илјади жители, на 3 октомври, репортерот на Ројтерс му се јави на градоначалникот Ахмед Кахил за да го праша дали ќе замине. Тој рече дека нема.
Израелската војска во средата соопшти дека погодила десетици цели на Хезболах во областа Набатие и демонтирала подземна инфраструктура, додека нејзината морнарица исто така погодила десетици цели во јужен Либан, во соработка со трупите на теренот.
Израел сега се бори со сојузниците на Техеран Хезболах во јужен Либан и во главниот град Бејрут и со палестинските милитанти во Газа. Исто така, се подготвува да се одмазди за иранскиот ракетен напад на 1 октомври.












