Секој четврти средношколец во Македонија се изјаснил дека се коцкал за пари, покажува истражувањето на Институтот за јавно здравје. Младите се коцкале и во живо и онлајн.
Онлајн коцкањето било исто така честа појава кај оние коишто се коцкале а пропорцијата била речиси идентична помеѓу половите, 61% од момчињата и 60% од девојчињата навеле дека се коцкале онлајн, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје.
Проблем не е само коцкањето кај средношколците. 28,5% од анкетираните ученици изјавиле дека своето прво искуство со алкохол го имале на 13 години или помалку, додека пак 71,4% од учениците се изјасниле дека поминуваат премногу време на социјалните мрежи.
Извештајот на ИЈЗ насловен „Европски проект за истражување во училиштата за алкохол и други дроги во Македонија“ (ЕСПАД) е суштински и навремен преглед на однесувањата, ставовите и ризичните средини на учениците на возраст од 15 до 16 години во Македонија.
На репрезентативен примерок од над 2.800 ученици, студијата ги истакнува постојаните и новите модели на употреба на супстанци, како и поврзаните психосоцијални и бихејвиорални трендови.
Целната популација на истражувањето се состоеше од ученици родени во 2008 кои биле запишани во прва година во средните училишта во Македонија. Рамката за земање примероци ги вклучуваше сите редовни средни училишта (општи и стручни) во државава.
Приватните училишта и училиштата за деца со посебни потреби не беа земени предвид.












