ТЕРА

REKLAMA???

И АРМИЈАТА АНГАЖИРАНА ВО СПРАВУВАЊЕТО СО ПОЖАРИТЕ

Од Центарот за управување со кризи информираат дека до вечерва до 18:00 часот на територијата на државата се евидентирани вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои 21 се активни, а 4 се изгаснати.

Активни се пожарите кај Македонски Брод, Општина Чашка, Чучер Сандево, Општина Дојран, Шуто Оризари, Општина Ѓорче Петров, Општина Кочани – Осогово (шума), Општина Петровец, Радишани, Гази Баба,  Сарај, Старо Нагоричане – с. Младо Нагоричане, Крива Паланка и Општина Тетово.

Армијата согласно одлуката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за учество на дел од припадниците на Армијата во гаснењето на пожарите и одлуката за постоење на кризна состојба донесена од Владата заради зголемена појава на пожари, како и побарувањата на Центарот за управување со кризи активно се вклучи во гаснење на пожарите на целата територија на нашата држава.

По барање на ЦУК, грчки канадери веќе дејствуваат на пожарот кај с. Николиќ, во близина на Дојран, заедно со две грчки противпожарни екипи.

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека се одржа состанок на Кризниот штаб за состојбата со пожарите.

„Упатуваме искрена благодарност до Армијата, Полицијата, припадниците и вработените во Дирекцијата за заштита и спасување и ЦУК, како и до доброволците од месното население за нивната несебична ангажираност и надчовечки напори. Сите тимови се целосно мобилизирани и посветени на справување со ситуацијата. Ќе направиме сè што е во наша моќ оваа непогода да биде победена“ рече Мицкоски.

По седницата на кризниот штаб, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека причина за ширење на пожарите во најголема мера беа неповолни временски услови и силниот ветер, но дека за дел имамаат основи на сомнение дека се подметнати од човечки фактор близу клучни инфрастриктурни капацитети, патишта, густо населени области и приватни објекти.

Тошковски, рече дека, не би можел да открива детали, но посочи дека многу е симптоматично тоа што, како што се неутрализира еден пожар, набрзо започнува втор, трет и сите се поврзани со одредена клучна инфраструктура.