ТЕРА

REKLAMA???

КОВАЧЕВСКИ: СО АЛБАНИЈА НЕ ОТСТАПУВАМЕ ОД ЕВРОПСКИОТ ПАТ

Северна Македонија и Албанија развиваат традиционално пријателство и партнерство кое е за пример во регионот со тоа што нашите две земји делат заедничка соработка на многу полиња, но и заеднички, европски вредности, рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата со албанскиот колега Еди Рама.

-Европскиот пат од кој што не отстапуваме ниту ние ниту Албанија, претставува стратешка цел и на двете држави. На тој европски пат ние и билатерално и како регион преземавме чекори за европеизација на нашите општества со цел што поскоро да ги постигнеме европските стандарди во секоја смисла, како системски, така и законски во однос на стандардот на живеење на граѓаните, рече Ковачевски.

Според него токму таков чекор бил и е Берлинскиот процес во рамки на кој земјите од Западен Балкан изминатата година за време на Самитот во Берлин потпишаа три многу важни регионални договори за мобилност, кои се однесуваат на признавање на високообразовните квалификации меѓу земјите од Западен Балкан, меѓусебно признавање на високообразовните квалификациите за докторите на медицина, денталната медицина и архитектите, како и за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан.

-Годинешниот Самит ќе се случува во Тирана, и како и што му кажав на Еди, на неговите колеги на средбата, и Албанија како годинешен претседавач, и тој како премиер ја имаат нашата поддршка во тој процес, бидејќи знаеме дека сето ова е големо признание за постигнатите резултати на земјата, но и на регионот во целина. Ние ја имавме таа улога да бидеме претседавач во 2020 година кога имаше и еден дополнителен предизвик а тоа беше корона кризата, па сите состаноци мораа да се организираат онлајн, што не е случај во моментов и за тоа можеме да го имаме денес претседателот на Владата на Албанија, да биде гостин заедно со неговите колеги во Скопје, додаде премиерот.

Според него Берлинскиот процес е исклучително важен за регионот не само поради овие договори, туку и поради иницијативите кои понатаму треба да се преземат а се врзани со енергетиката, економијата, дигитализацијата, инфраструктурата и можностите за инвестирање, како и дополнителната мобилност на граѓаните и бизнисите и секако развој на соработката во многу други области вклучувајќи ја културата, образованието, европските интеграции и размената на голем број други искуства помеѓу земјите.