Македонија подготвува сериозни и радикални измени на Законот за заштита од пушење, со кои целосно ќе се забрани пушењето во сите затворени простори од јавен карактер, а значително ќе се ограничи и увозот и продажбата на тутунски и никотински производи. Според нацрт-верзијата на новиот закон, цигарите ќе бидат тргнати и од видното поле на купувачите во маркетите.
Забраната за пушење ќе важи за сите угостителски објекти за исхрана, вклучувајќи ресторани, барови, меани и кантини. Дополнително, пушењето ќе биде забрането и на терасите на кафеаните и рестораните доколку тие не се целосно отворени од најмалку три страни, пишува во предлог законот.
Во сегашната верзија се предвидуваат ригорозни правила за сите затворени јавни институции.

„ Забрана ќе има и за пушење во автомобил, во присуство на дете, на автобуски и железнички станици, на пазари и во редица други институции и на јавни простори. Истата забрана со новиот предлог закон ќе важи и за сите типови на електронски цигари и вејп уреди, а дополнително се забранува користење ароматизирани цигари. Се забранува производство, увоз, дистрибуција, продажба и ставање во промет на тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови“-пишува во предлог законот.
Исто така, цигарите, било обични, било електронски ќе се забранат за рекламирање и нема да смеат да бидат видливо изложени на рафтовите..
Ова се дел од новите, построги законски измени на Законот за пушење, а кои наскоро треба бидат објавени на платформата ЕНЕР и да отворат јавна дебата.
Во Министерството за здравство кои се креатори на овие измени велат дека тие се неопходни, а целта е да се спречи здравствена катастрофа.
„Со предлог-законот се предвидува воведување појасни и построги правила за заштита на здравјето на граѓаните, со фокус на превенција и заштита на децата и младите. Целта на подготвеното законско решение е намалување на изложеноста на чад и аеросоли и спречување на нови генерации зависници“, велат од Министерството за здравство.
Статистката покажува дека во државата годишно умираат околу 4.000 луѓе од болести поврзани со пушењето.













