УПРАВАТА ЗА ЈАВНИ ПРИХОДИ ДЕНЕСКА НА СВОЈОТ ОФИЦИЈАЛЕН ФЕЈСБУК ПРОФИЛ ЈА ПРЕДУПРЕДИ ЈАВНОСТА ЗА ЛАЖНИ СМС ПОРАКИ ИСПРАТЕНИ ДО ГРАЃАНИТЕ ВО НИВНО ИМЕ. АПЕЛИРААТ „НЕ КЛИКАЈТЕ!„
Нова измама преку СМС пораки во име на Управата за јавни приходи.
Пораката пристигнува од непознат број и изгледа како известување од УЈП. Во неа се тврди дека статусот на социјалното осигурување на граѓанинот е „абнормален“ и се бара проблемот итно да се реши преку приложен линк.
Не кликајте!
Станува збор за смишинг – измама со која преку лажен линк измамниците се обидуваат да дојдат до лични и финансиски податоци.
УЈП и претходно предупредуваше на вакви злоупотреби на името и логото на институцијата.
Ако ја добиете пораката – избришете ја. Не внесувајте матичен број, лозинки, податоци од картичка или други лични информации.
Ако веќе сте кликнале и сте внеле банкарски податоци – веднаш контактирајте ја банката.
И најважно – не верувајте на порака само затоа што во неа пишува „УЈП“. Проверете директно преку официјалните канали на институцијата.











