И покрај очекуваниот протест и затворени погранични премини, денеска се е мирно за минувачуите на македонските граници со соседните земји. По предупредувачкиот протест пред зградата на Делегацијата на ЕУ во Скопје на крајот на претхониот месец, здружението на работодавачи на превозните трговски друштва во Македонија го ублажија својот став кон чекорите кои ќе се преземат во знак на протест против правилото 90/180 на ЕУ.
Своите членови со соопштение ги информираа дека заедно со Црногорското, Српското и Босанското здружение оствариле средба со претставници на мисијата на ЕУ во Белград и дека оттаму се враќаат со ветување дека ќе се работи на изнаоѓање на решение кое нема да доведе до прекин на транспортните и превознички работи меѓу Западен Балкан и Унијата.
Сепак, битката против ригорозното правило „90/180 дена“ – кое професионалните возачи ги третира исто како туристи и им го ограничува престојот во ЕУ на три месеци во рамки на половина година – продолжува по институционален пат.
Асоцијацијата „Макам-транс“ денеска упати итен апел до сите транспортни компании во земјава да почнат со доставување на прецизна евиденција за секој изречен прекршок на границите. Од превозниците се бара да пријават секаков случај на запирање, казнување или враќање на возачите, поткрепен со пишани документи од контролните органи на ЕУ.
Собраните податоци ќе се користат како директен аргумент и доказ пред европските институции во Брисел за тоа колку сериозно ова правило го загрозува македонскиот извоз и синџирот на снабдување. Целта е да се издејствува специјален статус за професионалните возачи пред најавената нова визна стратегија на ЕУ, која треба да стапи на сила во 2027 година.
Правилото 90/180 наложува дека секој странец во Шенген-зоната може да престојува најмногу 90 дена во кој било временски период од 180 дена. Периодот од 180 дена не се смета од фиксен датум (на пример, од 1 јануари), туку се пресметува наназад од секој ден кога возачот се обидува да влезе или излезе од ЕУ.
Ограничувањето создава неколку клучни проблеми кои го прават водењето бизнис во транспортот речиси невозможно: деновите брзо се трошат: Професионален возач кој вози на релација Македонија – Германија или Македонија – Франција, поминува по неколку дена во Шенген-зоната при само една тура. Поради долгите чекања по границите и утовар/истовар, еден возач може да ги потроши сите 90 дозволени денови за само 3 до 4 месеци реална работа. Ова подразбира дека транспортерот мора да оди на „принуден“ одмор, затоа што кога ќе ја исцрпи квотата не смее да влезе во било која земја членак во следните 90 дена или 3 месеци. Возачот не заработува, фирмата не работи. КОмпаниите немаат возачи да ротираат, ниту пак може во вакви услови да ги вработат. Ако возачите го пречекорат лимитот макар и за еден ден, заради дефект на камионот или чекање на граница или забрана за возење на одредена делница за викенд, зима и слично, се соочуваат со високи парични казни, депортаџија и забрана за влез во земјите на ЕУ од неколку години.











