ТЕРА

REKLAMA???

Правила има, ред нема !

25 санкции за електрични тротинети напишале полицајците на битолско СВР на 7 септември во периодот од 11.00 до 16.00 часот. Контролирани биле и мопедите и моторциклите. ОД СВР напишале дури 52 санкции за оваа категорија на возачи во истото време. Очигледно попусти се сите апели и строги закони, возачите, особено на електричните тротинети, возат кадешто сакаат, како што сакаат.

Електричните тротинети одамна не се новина низ битолските улици. Ги има по велосипедските патеки, на тротоар, меѓу пешаците по Шеталиште и Широк Сокак, а најмногу на коловозите кои ај што имаат паркирани возила и возила во движење, имаат и битолчанки и битолчани кои баш на прометната улица си ги споделуваат сите животни маки.

Новите правила за електричните тротинети се построги: задолжителна кацига, минимум 18 години и ограничена брзина. Но, ако бројките на полицијата се мерило, редот сè уште тешко се воспоставува. Заклучокот се наметнува по сознанието дека од речиси илјада прекршоци регистрирани во Македонија за нешто повеќе од два месеца, дури 443 се на подрачјето на СВР Битола. Што е без малку половина од цела држава.

Конкретните бројки се за прекршоци во периодот од 18 мај до 31 јули, бројките од 7 септември се нови.

Најголемиот проблем е начинот на движење.

519 од прекршоците на национално ниво се за возење по површини наменети за пешаци, наместо по велосипедска патека или лента.

Тоа значи дека повеќе од половина од сите санкционирани случаи се поврзани токму со просторот што треба да биде безбеден за пешаците.

Измените на законската регулатива за управување со тротинет се строги: само полнолетни лица смеат да управуваат со лесно електрично возило, на велосипедска патека максималната брзина е 20 километри на час, а на тротоар и други пешачки површини – само 6 километри на час. Кацигата е задолжителна, забрането е превезување друг човек, а за дел од прекршоците може да следува и привремено одземање на тротинетот до 30 дена.

Црната статистика за регионот на СВР Битола велид ека во мај годинава, во Добрушево, шестгодишно дете кое управувало електричен тротинет било тешко повредено во судир со мотоцикл. Во градот пак,  во октомври 2025 година, 13-годишен возач на тротинет бил тешко повреден во судир со автомобил.

Прецизната бројка на незгоди со тротинети доведе до промена на правилата, но, теренот покачува дека нема почитување на напишаниот ред. Според полициските информации, засега со овие возила, кои може да достигнат брзина и до 40 километри на час, се одржува принципот „купи и терај“. Затоа што државата не знае колку електрични тротинети има во државата, тие не се регистрираат, ниту има испит за возење, ниту дозвола.

Битола досега многупати посочила дека сака да биде вело-град, чиста животна средина, општината планира нови електрични велосипеди, дополнителни велосипедски патеки.

Но, добрите закони се одлични ако се применуваат. А фактот дека половина од вкупниот број прекршоци со тротинети се случил во Битола, треба да биде отрезнувачки и алармантен податок.