Македонската филхармонија одржа концерт во Златната сала на прочуениот „Музикферајн“ во Виена, еден од најпознатите и најценети концертни простори во светот. Салата беше исполнета до последното место, а публиката ги награди музичарите со стоечки аплауз и ги врати на бис.

Концертот, на кој покрај многубројните гости присуствуваше и државниот секретар во Министерството за култура и туризам Марија С. Ѓоргова, претставува значаен културен момент и заокружување на прославата на 80-годишнината од основањето на Македонската филхармонија, како и одбележување на 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Република Австрија и Република Македонија.

Како солисти настапија Ана и Игор Дурловски, а со оркестарот диригираше маестро Јерухам Шаровски од Израел.
Како што информираат од министерството за култура, програмата ги спои македонската музичка традиција и европската класична уметност, со изведба на пет традиционални македонски песни во оркестарски аранжмани на Сони Петровски, „Тешкото“ од Глигор Смокварски, „Македонска парафраза бр. 2“ од Бете Илин и „Симфонија бр. 8“ од Антонин Дворжак.

„Настанот уште еднаш ги потврди уметничката зрелост, меѓународното реноме и посветеноста на Македонската филхармонија кон промоција на македонската музичка култура на најпрестижните светски сцени“ велат од министерството за култура.

Настапот на Македонската филхармонија во Виена е поддржан од Министерството за култура и туризам и од Македонската амбасада во Австрија, како дел од проектот за културна дипломатија и интернационална промоција на македонската уметност.













