Зимата 2026/2027 година, според сезонските прогнози на европскиот „Коперникус“, има изгледи да биде потопла од климатскиот просек во поголем дел од Европа. Но тоа не значи дека Битола ќе биде без студени бранови, снег и мраз. За битолчани, останува прашањето колку ќе чини затоплувањето на домовите и дали семејните буџети можат да го издржат трошокот.
За куќа од околу 60 квадратни метри, потребни се приближно осум до десет кубни метри дрва за една грејна сезона. Според медиумски објавени цени, набавката преку „Национални шуми“ чини од 25.000 до 32.000 денари, без превоз, додека кај приватните продавачи со достава може да достигне од 36.000 до 45.000 денари.
Скапи се и пелетите. Ориентационите пазарни цени се движат од 14.500 до 22.000 денари за тон. Три тони чинат од 43.500 до 66.000 денари, а четири тони од 58.000 до 88.000 денари, без достава и одржување на системот.
Значи пак годинава потоплата зима не е гаранција за ниски сметки за греење во домаќинствата. А за домаќинствата што тешко го плаќаат огревот, клучно е не само колку пари се планирани за субвенции, туку и колку од нив навистина стигнуваат до граѓаните.
Општина Битола во Програмата за животна средина за 2026 година предвидела четири милиони денари за енергетска ефикасност и тоа 3 милиони за инвертер-клими и 1 милион денари за замена на енергетски ефикасна дограма: прозорци и врати. А според делот од буџетот за животна средина, вкупната вредност на програмата е 11,5 милиони денари.
Општинскиот енергетски план за 2026 година ја вклучува и енергетската сиромаштија како тема, покрај енергетската ефикасност и зголемувањето на употребата на обновливи извори. Но, за граѓаните е важно да се знае кои конкретни мерки се спроведуваат, колкав е нивниот буџет и колку луѓе добиле директна корист.











