Општина Прилеп се наоѓа помеѓу милионски инвестиции за зајакнување на комуналните претпријатија и неуспешниот оговор на секојдневното барање на граѓаните за ставање крај на појавата на диви депонии. Ова беше кажано на неодамна одржаната трибина на ЛАГ Агро Лидер во рамките на проектот за мониторинг на работата на локалната самоуправа: ветувањата и реалноста, една година подоцна.


Прилеп инвестира во инфраструктура за отпад, но прашањето е дали вложувањата создаваат долгорочни резултати и колку граѓаните и јавноста можат да го следат трошењето на парите . И најголемиот проблем со кој се соочуваат и граѓаните и институциите се дивите депонии. Првите критикуваат, вторите не можат да одговорат на барањата за град без депонии.
ЛАГ Агро Лидер го спроведува мониторингот на трошењето на буџетските пари, планираните и реализирани проекти поврзани со екoлошките прашања и тоа во општините Прилеп и Кривогаштани.


„Досега ги запознававме со активностите оние што ги следат нашите објави на социјалните мрежи, меѓутоа не организиравме јавни дебати или собири, како што е овој. Сега ги прашуваме граѓаните што мислат и каде е најпотребно да се постават дополнителни контејнери за селекција на отпадот. Каде има диви депонии во околината на Прилеп или во населените места и кои локации треба да имаат приоритет за чистење? Тоа значи дека во наредниот период ЈКП „Комуналец“ ќе треба посилно да се ангажира.“ – рече Даниела Цветаноска, претседателка на Здружението за рурален развој ЛАГ „Агро Лидер“ од Кривогаштани.


Според мониторингот, за Општина Прилеп, локалната самоуправа предвидела 60 милиони денари за подобруавање на системот за собирање комунален отпад, со априлскиот ребаланс тие стигнале до 62 милиони денари, парите биле целосно усогласени со програмите зар абота на претпријатието задолжено за јавната чистота ЈКП „Комуналец“ , кое паралелно реализира проекти поддржани и од други меѓународни донатори. Но, ниту илјадниците веќе распоредени канти за отпад и селекција за отпад од по 120 литри, ни 54-те точки за селекција на стаклена амбалажа и сув отпад не се доволни за Прилеп и околните рурални средини да имаат различен степен чистота.

Но, и покрај инвестициите, граѓаните имаат свое видување на работата на претпријатието коешто досега, според мониторингот, ниту одговарало на барањата и поплаките на жителите на револуционерниот град.

Една од присутните коментираше : „Кога одиме на прошетка во природа, не можам да разберам како граѓаните можат да фрлаат отпад. Во природата, дури и на високите планини, можат да се најдат фрлени кревети и секакви други предмети. Сакав да прашам нешто што не го слушнав досега: дали се евидентираат дивите депонии и дали постои точна бројка? Често гледам дека се чистат терените и се отстранува отпадот од депониите, но се прашувам зошто не се преземаат нови мерки, на пример, поставување камери. Сите знаеме дека дивите депонии повторно се создаваат, иако на секои неколку месеци се чистат. Граѓаните се несовесни и фрлаат отпад. Зошто тогаш не се постават камери или не се преземе некоја друга мерка? Дали постојат пречки за поставување такви камери?“


На прашањата одговараше Ивица Котески, одговорен во секторот за паркови и јавно зеленило на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.
„Можам да кажам дека во моментов се сеќавам на неколку локации. Но, ако сакате прецизна бројка, таа може да ја добиете по писмен пат, бидејќи не се водат доследно записници за сите случаи. Што се однесува до поставувањето камери, тоа е поголем проект за кој сè уште не сме разговарале со локалната самоуправа и невладините здруженија. Не знам дали тоа би било едноставно решение, но верувајте, воопшто не е едноставна работа. Јас би се обидел да го решам проблемот на поинаков начин. Како што веќе споменав, потребна е посилна соработка со локалната самоуправа и поголемо присуство на комуналните инспектори на терен.“
Една од граѓаните е членка на здружение на жени. Рече „Ние, имаме канцеларија во Старата општина. Се среќаваме секој четврток. Кога одиме пред општината и зад неа, кај автобуската постојка, насекаде има хартија и нечистотија. Бевме таму и вчера. Имате вработени, имате и канцеларии тука. Како дозволувате луѓето да се соочуваат со толкава нечистотија? Извинете, но луѓето се разочарани.

Котески врати : „Да, но просторот околу Старата општина не е јавна прометна површина. Ние ги чистиме јавните прометни површини. Од пред една недела имаме ангажирано лице токму за оваа намена. Но, и овој дел тука е проблематичен. Неколкупати се случило тоа лице да не работи. Ќе ви кажам за кое лице станува збор. Тоа е повлечено од Александар Макеровски, а детето, според информациите што ги имам, одлично си ја извршува работата. Кружниот тек тука го чисти Старата општина.“

Друга учесничка на трибината пак објаснуваше: „ Цела година бараме да се исчисти и да се средат дрвјата, но залудно. Имаме меѓублоковски паркови. Но, одржувањето е проблем. Се зборува дека за тоа се издвојуваат по 9.000 денари, а тревата цело лето беше исушена. Треба да се коси, да се засадува и парковите да се одржуваат во текот на целата година.“

„Дополнително, од другата страна на реката, меѓу Дабничка Река и Дивајнца, има многу отпад, пластични шишиња и лименки. Состојбата е навистина страшна. Во лето не можеме да излеземе пред зградата, да седнеме и да уживаме во паркот.“
Претставникот на прилепски „Комуналец“ одговори : „Морам да ги пофалам парковите на вашата територија. Тука има одлични паркови и дрвја. Имаше потреба од кастрење и ги кастревме. Но, ние не можеме самостојно да одлучуваме кои дрвја ќе се кастрат. Во Општината има комисија што одлучува за тоа. Верувам дека ги следите случувањата со дрвјата за кои е потребно кастрење. Тоа треба да го пријавите во Општината.

Една од учесниците на панел дебатата беше од локалното основно училиште. раскажа немила случка кога со учениците реализирале акција на чистење на училишниот двор: Од „Комуналец“ дојдоа двапати, но потоа си заминуваат. Нашите луѓе бараа помош за расчистување на овој реон, за гранките, капините и другиот растителен отпад. Додека работниците од училиштето и техничката служба го чистат просторот, возачот се занимаваше со други обврски. Замина и рече „Морам да ја сменам гумата, да реагирам кај директорот, па повторно да се враќам. Така се губи време, наместо да се решава проблемот на терен.

Дивите депонии му се познати на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Прилеп, но сè уште нема решение што ќе стави крај на несовесното однесување на дел од граѓаните. Општина Прилеп годинава издвоила 4,25 милиони денари за мапирање на локациите на кои се создаваат диви депонии. Тие локации се чистат и отпадот се отстранува. Но, проблемот е што тоа не се случува континуирано. Средствата од 4,25 милиони денари се трошат на чистење и отстранување отпад, додека нови диви депонии повторно се создаваат на други локации. Очигледно е дека системско решение сè уште нема на повидок.

Мониторингот открива специфична слика, во која демократските процеси не го достигнуваат посакуваното ниво.
Иако граѓаните и невладините активисти се активни на социјалните мрежи и користат дигитални алатки за фотографирање, пријавување и мапирање на отпадот, формалната соработка со институциите покажува системски недостатоци.
На дел од прашањата упатени до институциите не биле добиени одговори ниту по истекувањето на законските рокови предвидени со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Ова беше првата, а засега и единствена јавна дебата организирана за општините Прилеп и Кривогаштани.
Мониторинг на реализацијата на изборните ветувања и мерките на локалната власт е активност во рамките на швајцарскиот проект Програма за поддршка на изборите имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Содржината/мислењата/ на никаков начин не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Владата на Швајцарија и на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).











