Избраниот претседател на САД, Доналд Трамп, го именува Илон Маск за лидер на нова функција која има за цел да ја направи владата поефикасна, додавајќи му уште поголемо влијание на најбогатиот човек на светот, кој донираше милиони долари за поддршка во предизборната кампања, објави Ројтерс.
Маск и поранешниот претседателски кандидат на Републиканците, Вивек Рамасвами, ќе го водат новоформираното Министерство за ефикасност на владата, ентитет кој Трамп го опишува како нешто што ќе работи надвор од рамките на традиционалната влада. Трамп изјави дека Маск и Рамасвами “Заедно, овие двајца големи Американци ќе го отворат патот за мојата администрација конечно да ја разбие владината бирократија, да ги намали непотребните регулативи, непотребните трошоци и да ги преструктуира федералните агенции.”
Трамп додаде дека новото министерство ќе ги реализира долгогодишните републикански соништа и ќе обезбеди советување и насоки од надворешни експерти, што подразбира дека Маск и Рамасвами ќе имаат неформални улоги без потреба од одобрување од Сенатот, што ќе му овозможи на Маск да остане на чело на компаниите Тесла, СпејсИкс и социјалната платформа X. Новата агенција ќе соработува со Белата куќа и Бирото за управување со буџетот за да “поттикне големи структурни реформи и создаде претприемнички пристап кон владата каков што не сме го виделе досега”, рече Трамп.
Маск, кој според Форбс е најбогатиот човек на светот, веќе се очекуваше да има големо влијание во победата на Трамп, бидејќи неговото влијание ќе помогне во обезбедување поволни услови за неговите компании и други бизниси, како што се вештачка интелигенција и криптовалути.
Експертите сметаат дека овој потег на Маск е “покер потег” кој му носи големи бенефити, особено за Тесла, која и така ги има добиено поволните одлуки на владата. Аналитичарот Даниел Ајвс од “Wedbush Securities” напиша во својата анализа: “За Маск и Тесла, главните предности го надминуваат секој потенцијален негативен ефект, и ова е ‘покер потег на векот’ од Маск, кој се кладеше на Трамп.”
Од друга страна, ова беше критикувано од прогресивните организации, како што е „Public Citizen“, која ја нарече оваа позиција како “крајна корпоративна корупција”. Лиса Џилберт од оваа организација изјави: “Маск не знае ништо за ефикасност во владата и регулациите, а неговите компании често ги кршат токму тие правила кои сега ќе треба да ги спроведува.”
Маск пак ветува транспарентност: “Сите акции на Министерството за ефикасност на владата ќе бидат објавени онлајн за максимална транспарентност,” напиша Маск на социјалната мрежа X, повикувајќи ја јавноста да предлага идеи. “Ќе имаме и табела за најсмешните и најглупави трошења на вашите даноци. Ова ќе биде и трагично и забавно,” додаде тој.
“Вашите пари се расфрлаат и Министерството за ефикасност на владата ќе го поправи тоа“ рече Маск.
Акронимот на новото министерство – DOGE – исто така го споменува името на криптовалутата Dogecoin, која Маск ја промовира.
Фото: Ројтерс












