ТЕРА

REKLAMA???

МЕЏИТЛИЈА Е ПРЕД ВРАТА, НО КОЛКУ ОД ПАТНИЦИТЕ ЗАСТАНУВААТ ВО БИТОЛА?

Стотици илјади патници годишно минуваат низ граничниот премин Меџитлија на пат кон Грција или назад. За Битола, која се наоѓа на само дваесетина километри од границата, тоа е огромен потенцијален туристички и економски пазар. Но, колку од нив само поминуваат покрај Битола, а колку од нив навистина влегуваат во градот?

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2025 година преку Меџитлија во Македонија влегле 480.473 странски патници, додека во обратна насока, кон Грција, излегле 437.722 домашни патници. Тоа се повеќе од 918 илјади преминувања во двете насоки, но бројката не треба да се толкува како број на различни лица или туристи, бидејќи едно лице може да ја мине границата повеќепати. Сепак, размерот е доволно голем за да се постави прашањето дали Битола ја користи близината на границата како туристичка предност.

Градот има што да му понуди на патникот: Хераклеја Линкестис, Широк Сокак, Старата чаршија, музеите, Пелистер, ресторани, кафулиња и сместувачки капацитети. Патникот кон грчкото крајбрежје, најчесто има цел што побрзо да стигне до морето. Затоа можеби Битола не треба да се обидува да го убеди да остане три дена. Треба да му понуди причина да застане два или три часа.

Според Студијата за развој на туризмот на Пелистер, градот во 2024 година имал околу 1,57 проценти од сите странски туристички пристигнувања во Македонија, иако има доминантно учество во туристичкиот промет на Пелагонискиот регион. Истовремено, недостижна останува рекордната 2018 година кога биле регистрирани 35.023 туристи во Битола.

Тука се гледа парадоксот. Градот има туристичка понуда, а во негова непосредна близина секоја година минуваат стотици илјади потенцијални посетители. Секако, не сите тие се туристи. Меѓу нив има Македонци кои одат на одмор, странци во транзит, деловни патници и луѓе кои повеќепати ја минуваат границата. Но, и мал процент од нив може да значи многу за локалната економија. За едно семејство, една пауза во Битола значи ручек, кафе, гориво, сладолед или сувенир. Една ноќ значи хотел, ресторан и дополнителна потрошувачка. Затоа прашањето за Битола не треба да биде само како да донесеме повеќе туристи, туку како да ги убедиме оние што веќе минуваат покрај нас да застанат? Меџитлија не е само граничен премин. Може да биде туристичка врата кон Битола. Прашањето е дали знаеме да ја отвориме.