Македонската фудбалска репрезентација во Скопје ја очекуваат два контролни натпревари, против Финска утревечер од 18:00 часот и против Азербејџан, в недела со почеток во 14:00 часот на Националната арена „Тодор Проески“.
Селекторот Благоја Милевски истакна на денешната прес – конференција дека двата натпревари ќе послужат како генерална проба за квалификациите за ЕУРО 2024 кои стартуваат во март идната година.
„Лигата на нации е зад нас. Сега не очекуваат два натпревари против Финска и Азербејџан како генерална проба пред квалификациските натпревари во март. Секако ќе пробаме различни варијанти кои ќе ни бидат во функција за сето она што не очекува на квалификациските мечеви. Неслучајно инсистирав да играме со квалитетни противници, Финска е супер тим, неслучајно се во вториот барабан за групите од европските квалификации. Натпреварот ќе ни покаже или ќе ни даде насока и правец што би требало да се промени или да се задржи за она што не очекува и во групната фаза. Знаете дека имаме квалитетна група и затоа ни се потребни овие контроли со квалитетни противници. Ќе има некои промени, особено што последните мечеви ни дадоа некои насоки, посебно во реализацијата дека треба да се подобриме. На тој момент не бев задоволен и се надевам во иднина ќе го промениме тој сегмент“, додаде македонскиот селектор.












