Премиерот Христијан Мицкоски денеска оцени дека договорот за стратешко партнерство со Обединетото кралство ќе овозможи најсилна досега економска соработка меѓу двете влади и претставува втор столб на нашата меѓународна позиционираност по стратешкото партнерство со САД, истакнувајќи дека е потврда оти нашата држава чекори по патот на стабилноста, безбедноста, развојот и европската иднина.

Вчера, во Тирана, беше постигната согласност за Заеднички договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство. Овој чин не е само симболика. Тоа е голем, неповратен чекор напред во изградбата на иднината што ја заслужуваат нашите граѓани. Нашите две држави ги поврзуваат заеднички вредности кон кои се стремиме и за кои се бориме да ги воспоставиме.
Слобода. Демократија. Владеење на правото. Одлучност да се справиме со заканите врз мирот и стабилноста. Длабока посветеност кон безбедна и просперитетна Европа. Oва партнерство значи многу повеќе од билатерален аранжман. Ова партнерство кое е архитектура за иднината.
И токму затоа ја отвораме вратата за највисоко ниво на соработка со Обединетото Кралство. Во одбраната. Во борбата против организираниот криминал и нелегалните финансии. Во образованието. Здравството. Културата. Младинските политики. Економскиот развој и инвестициите. Со овој документ, двете влади испраќаат силна порака дека интересите на граѓаните се најважни, а дека политиката е моќен инструмент кога создава вредности, а не поделби“ рече премиерот Мицкоски.

Тој кажа дека овој договор е резултат на месеци сериозна работа помеѓу нашите тимови, а вчера, тој труд се претвора во јасна визија.
Партнерството што го формализираме: Ќе придонесе за модернизација на нашите вооружени сили и подлабока интеграција во НАТО стандардите. Ќе ни овозможи да ја зголемиме безбедноста на границите и да се спротивставиме на трговијата со луѓе и шверцот. Ќе овозможи најсилна досега економска соработка меѓу двете влади, вклучително и во капитални инвестиции во инфраструктурата и здравството и енергетиката понатаму. Ќе ја засили соработката во областа на образованието, дигиталната трансформација и иновациите. Ќе ги поврзе нашите млади, креативни генерации преку културата, науката и новите технологии. Обединетото Кралство беше со нас уште во најраните и најтешките денови на нашата независност. Беше меѓу првите држави што нè препознаа, ни подадоа рака и инвестираа во нашата стабилност и институционален развој“ вели премиерот.

Градејќи ја нашата демократија, ја имавме нивната целосна поддршка, рече премиерот на денешната прес конференција.
„И овие денови, ова силно партнерство е логично продолжение на тоа заедништво, засновано на доверба, почит и заедничка визија. Воедно, зошто договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство е важен за македонските граѓани. Тој ќе биде основата и фундаментот за инвестициски циклус којшто ќе има вкупна рамка од 5 милијарди фунти, односно 6 милијарда евра, при што дел од овие пари ќе бидат употребени за инвестиции во инфраструктурата, изградба на модерна карго и брза патничка железницата од Табановце до Гевгелија, инвестиции во здравството и нови болници, завршување на проектот на клиничката болница во Штип, заедно со зградата на новиот медицински факултет, студентски дом со капацитет од двестотини легла, изградба на болницата во Кичево заедно со здравствен дом, реконструкција на клиничката болница во Тетово, итн. Во наредните денови ќе се потпишат договори и за овие инвестиции“ кажа Мицкоски.
Претседателот на владата рече дека ова што се постигна претставува втор клучен столб на нашата меѓународна позиционираност, по стратешкото партнерство со САД и дека со оваа декларација го отвораме новото поглавје во односите помеѓу нашите држави.












