ТЕРА

REKLAMA???

МОЛИКАТА Е ВО МЕНОПАУЗА !?

По силниот ветер од ланската година кога и на Пелистер многу молики беа оштетени, се отвори прашањето за тоа дека моликата на Пелистер е во климакс. Што тоа значи? Дали Пелистер ќе остане без шума? Дали моликата изумира  пред нас? Зборувавме со некои од луѓето директно вклучени во работата на Националниот Парк  Пелистер.

На Балканскиот полуостров, близу градот Битола живее Молика – издржлив бор со високо стебло, со тенка и понекогаш подебела снага, со вретенсти (циркуларно) наредени гранки кои завршуваат во сноп со 5 игли, како пет прсти од најнежните човечки раце.

Февруари е често многу снежен на Пелистер. Родители и деца се радуваат на убавиот ден.

Но глетката кај возрасните не го предизвикува вообичаениот мир и чувство на стабилност. Таму, на крајот од импровизираното игралиште има скршено дрво. И по тесниот планиски пат кој води до ширината има знаци на предупредување дека има опасност од паѓање на дрва.

Што ако моликата чувствува болка, радост, тага?

„На завршетокот на 2024 година, во два наврати имавме проблем со ветро-извали при што доста физиолошки оштетени дрва испаднаа по сите патеки, а после тоа имавме уште еден бран којшто имае огромен влажен снег којшто придонесе да има големи кршења од снегот. Има доста стебла во Националниот парк коишто се доста презреани, ослабени и природата си го прави свето значи. Исто како еден човек што се раѓа, исто е жива материја, и дрвјата си имаат период, по извесен период мора и тие некои да изумираат.“

Иљо Стерјовски е жител на пелистерското село Трново и ренџер полни 35 години. Неговото објаснување е едноставно: Молика е стара, нема пород или има многу малку, нејзините деца тешко го наоѓаат своето место под сонцето.  А ги познава сите стебла на Молика иако не е направена фитоценолошка анализа на пребројување на единките.

Што ако моликата се плаши од се што се плаши човекот?

Ренџерите ги расчистуваат туристичките патеки по невремето на кое беше изложена моликовата шума. Работат во Locus Classicus – местото кадешто првпат моликата е детерминирана, првпат на светот му е кажано дека кај нас има посебен, редок вид, што е пионерски,  и добра пријателка – ги откривала почвите пред 65 милиони години во терциерот и овозможила до неа да дојдат и други видови.

Иванчо Тошевски е познат планинар и активист за промоција на еко-туризмот. Сега служи како директор на националниот парк Пелистер, институција која се грижи за „куќата на Молика“.

„Во овој понизок дел, помеѓу 1.200 и 1.500,1.600 метри надморска висина имаме растителна заедница на молика и на папрат, и токму поради тоа , бидејќи е светлољубив тип моликата и од друга страна, семето на моликата, проценката на експертската јавност е дека околу 30% е нејзината ‘ртливост, значи поради овие причини немаме нови моликови дрвца.

За да имаме ревитализација, обновување на моликовата шума токму во овој појас кадешто е најстарата моликова шума потребно е преземање на интензивни одлгледувачки мерки. “

Што тоа значи?

„Во изминатиот период постои, изработена е студија за ревитализација, обнова на моликовата шума баш во овој појас, меѓутоа одговорните лица коишто ги предводеле институциите, под притисок на квазиекспертска јавност не сакале да ги применат мерките или пак применувале незначителни мерки предвидени со таа студија. И сега,з затоа ни се случи тоа што го имаме сега. И пошироката јавност беше сведок дека по последните удари на ветер кои ги имаше на Баба планина видовме што тоа значи. Можеби грубо звучи но ќе се послужам со термините што ги користат експертите,  значи буквално имаме во овој дел и мртва моликова шума. “ – вели сегашниот директор на НП Пелистер, Иванчо Тошевски.

 

Дали Пелистер ќе стане како некои медитерански шумски региони со деградирана шума?

Што влијае врз ваквиот исход?

Дали моликата е во менопауза?

„Како стручно лице од областа на шумарството овој термин „менопауза“ за нас не е особено практичен, особено во растителната терминологија и е повеќе за хуманата ммедицина.“ – ни рече низ насмевка проф. д-р Никола Велковски го најдовме насреде испитна сесија.

Пред 15 година работеше на студијата и теренските истражувања за регенерација на моликата. Откако ја утврди семантиката, покажа дека македонските научници се повеќе загрижени за иднината на моликата отколку било која жена во менопауза за својата иднина.

„За да се каже дека некој вид е загрозен треба да се имаат конкретни податоци со кои би го потврдиле тоа, а тоа значи потврдување за неговата популациона или површинска застапеност. Моликата како вид може да се каже дека има некоја ниска загрозеност, барем за следниот период од неколку децении. Таа загрозеност потекнува од нивната слабост за самостојно обновување.

Честа е појавата во старата моликова шума природната обнова од бука и од ела да биде посилна. Тоа се видови кои имаат посилна обновителна способност моликата и затоа го зафаќаат нејзиното место. Како последица на тоа постарите шуми, отпрвин се случуваат промени во кои се зголемува учеството на буката и елата, а преминуваат во мешани шуми и на крајот молиата се истиснува од овој состав.

Фотографиите од сателитот Sentinel 2 ја покажуваат промената на температурите и отсуството на снег во 2021 година.

 

Пелистер нема да биде соголен, нема да остане ниту без молика, сега ги зафаќа повисоките и пониските места, дури до Ресен.  Пелистерскиот масив е испресечен со живописни реки со студени води, но сепак летата се летата се подолги, зимите пократки, вели ренџерот Иљо.

Што е друго различно?

Сателитските снимки на Сентинел 2 од програмата за климатски промени Коперник на Европската Унија го потврдува набљудувањето на ренџерот.

Во август 2021 битолчани се вареа на тропски температури – 2 недели на 38 степени Целзиусови. И жителите на Преспанскиот дел на Пелистер,  а и младите моликови дрвца родени на над 1.800 , до 2.000 метри надморска висина. На 19 февруари оваа година има снег. Но, во 2021 година го немаше на надморска висина од 1.200 до 1.600 метри, ниту на 16 февруари 2020 година и, на 16 февруари во 2018 година. Го имаше на 24 октомври 2016 година.

Нема видливи промени во вегетацијата, според сателитските снимки. Но, по  силниот ветер од крајот на 2024 ренџерите изброија 150 паднати стебла на 100 хектари.

И во овие топли лета моликовата шума ја извршува задачата зададена од Природата  – служи како алатка во процесот на декарбонизација, процес впишан во сите понови акциони планови за заштита на планетата – го врзува  јаглеродот, процес наречен карбонска секвестрација.

Што доколку нашата Mолика повеќе неможе да го апсорбира!

„Генерално, сите климатски сценарија за нашата држава предвидуваат намалување на врнежите, зголемуавње на температурите, подолги сушни периоди како и зголемување на екстремните влијанија на климатските фактори. “- вели проф. Д-р Николчо Велковски.

Слика горе – младите молики се развиваат на отворено.

Слика долу – сепак, потребно е квалитетно семе.

Дали бевме слепи гледајќи го материјалот околу нас или само заслепени од изјавите на научниците дека паднатите дрвја се дел од природниот процес.

Што треба сега да направиме за да ја заштитиме шумата?

Која е опасноста ако оваа генерација, ние, не направиме ништо?

„Опасноста…треба човекот да преземе мерки, не само да оставиме природата сама да решава , треба и човечки фактор. Значи, треба или пруги да се прават па да се сади автохтон, тукашен материјал во нив.“ – вели ренџерот Иљо Стерјовски.

„Кога шумата сама неможе да си го овозможи тоа заради еден куп причини, дали е тоа преголема засена, дали е тоа преголема склопеност, таму и папратот е проблем бидејќи тој секоја година во мај, во јуни, секоја година веќе е 2 метри висок , а младата единка ( на моликата н.з) само 10 сантиметри расте од почетокот. Така да таа е постојано угушена, и семето што паѓа, едноставно неможе да се формира ново растение и ќе угине ради недостаток на светлина, но тука е стручноста и работата и влијанието на шумарската фела, шумарските техничари, да водат грижа за подмладокот да може да му се обезбедат поволни услови за негов развој.“ – вели професорот Велковски.

Дали треба да имаме сечење?

„Па, повеќе од сигурно една од мерките кои треба да бидат применети е и сечење и отстранување на се она што е заболено моликово дрво и, претпоставката е дека на тој начин сепак ќе се отвори повеќе простор за нови моликови дрвца. “- вели директорот Тошевски.

Професорот Велковски вели „Тука нормално, доколку природата не создала доволно отвори, треба да се тргне првин со отворите коишто ги создала природата, меѓутоа некаде треба да има отвори значи. Меѓутоа сето тоа треба да се гледа комплексно , стручно и точно да се лоцира каде да се направат тие подмладни јадра, понатаму како да се одржуваат, како да се негуваат.

Значи, Молика е пред хируршка операција. Тоа што е некротично треба да се отстрани, да се овозможи зацелување на постојното, создавање на ново.

Кога Молика би можела да се чуди, можеби би размислувала – да ја имам најстарата шума во светот и да не направам ништо за да ја заштитам?

Заштитата е дел од современиот пристап кон развојот, економските придобивки кои може наследниците на оваа генерација да ги имаат .

Тошевски вели „Значи сето тоа оди некако заедно во модерно време, развојот на спортот, на туризммот и на заштитата на природата во модерно време оди заедно. Не може да размислуваш за развој на туризам ако примарно заеднички не размислуваш за развој на спорт и заштита на животна средина.

Наскоро сите еминентни стручни лица од областа на шумарството, биологијата, од државата и светот ќе седнат на нов симпозиум. Молика разбира  дека активностите што ќе ги преземе човекот се борба за автентичноста наспроти природните процеси и за идните генерации.