Извршниот одбор на Народната банка на Северна Македонија донесе решение за воведување тримесечна администрација во Алта банка АД Битола, по одземањето на дозволата за работа на нејзиниот мнозински акционер, Алта банка АД Белград, од страна на Народната банка на Србија. Според решението објавено во „Службен весник“, мерката е преземена поради околности што можат сериозно да ја загрозат солвентноста на банката.
За администратори се назначени Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска, вработени во Народната банка. Тие ги преземаат надлежностите на Управниот и Надзорниот одбор, како и на Собранието на акционери, со исклучок на одлучувањето за зголемување на капиталот. Андовски е овластен да ги потпишува одлуките, а администраторите имаат рок од 21 ден да ја утврдат состојбата и да достават извештај.
За физичките лица останува на сила лимитот од најмногу 10.000 денари неделно по клиент за одливни трансакции во земјата, со исклучок на трансакциите меѓу сметки во самата Алта банка и плаќањата за обврски кон банката. За правните лица се забрануваат одливните трансакции, освен наведените исклучоци. Одливните плаќања во странство се забранети, освен кога се дозволени согласно писмените упатства на Народната банка. Забранети се и предвремените исплати на орочени депозити, исплатите врз основа на одобрени кредити, новите кредитни изложености и продолжувањето на постојните кредитни рокови.
Во официјалните соопштенија, Народната банка нагласува дека администрацијата не значи одземање на дозволата за работа, ниту отворање стечајна постапка во Северна Македонија. Регулаторот тврди дека банката е ликвидна, високо капитализирана и со солидно кредитно портфолио, а мерките се преземени поради ризиците што произлегуваат од состојбата на мнозинскиот акционер во Србија. Целта, според Народната банка, е заштита на штедачите до разрешувањето на сопственичката состојба, односно промена на сопственоста.











