Министерството за внатрешни работи денеска предупредува на интернет криминал што се случува во континуитет но деновиве е засилен. Имено, преку електронска пошта на корисниците им се испраќаат лажни пораки од вистински македонски компании кои ве обвинуваат за сторен прекршок па ви ги бараат личните податоци. Не наседнувајте.

Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи периодов констатираше зачестена појава на така наречени фишинг напади преку електронска пошта во која се злоупотребуваат имињата на повеќе македонски компании со цел неовластено прибавување на податоци од нив. Овие пораки лажно тврдат дека сте сториле повреда на авторски права и содржат фишинг-линкови до наводна документација или барања за преземање на активности.
Фишинг е метод на обид да се соберат лични информации користејќи измамнички е-пошта и веб-страници. Во основа тоа е измама. Тој што ја прима електронската пошта треа да поверува дека пораката е нешто што сакаат, го пребарувале, им треба. Поимот доаѓа од англискиот збор за риба – „Фиш“ и рибарење – „Фишинг“ , аналогно, ако ја фатите јадицата, вие сте уловена рипка – имате крај на приватноста , а со тоа и контролата на вашите интернет активности. Напаѓачите се претставуваат како познат ентитет – вашиот шеф, банката кадешто ја земате платата, компанијата од кадешто сакате да си купите нешто. Обидите за фишинг обично доаѓаат преку електронска пошта, но и од социјални мрежи, преку текстуална СМС порака или со телефонски повик.

Важно и значајно е, велат БЈБ и МВР, е граѓаните односно компаниите да знаат дека пораката не е испратена од вистинската компанија, да не кликнуваат на линковите или прилози во пораката, да не одговараат на пораката, да не споделуваат лични информации и веднаш да ја избришат пораката.
Доколку пак имате сомневања дека ентитетот навистина ви се обраќа, најдобро е да остварите друг тип на контакт и да проверите дали пораката што сте ја добиле е од вистинската компанија.
Министерството за внатрешни работи со цел заштита на граѓаните, на нивните лични податоци и можните злоупотреби и последиците што можат да произлезат, апелира внимателност при добивање на ваквите пораки, да не наседнуваат на измами од ваков тип и нивните лични податоци да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може да им се утврди вистинскиот идентитет, со цел спречување на нивна понатамошна злоупотреба.
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи активно презема мерки и води постапки во врска со вакви измами. Доколку сте примиле ваква порака или сте жртва на слична интернет измама, веднаш пријавите го случајот во најблиската полициска станица.












