Новата индустриска зона во Новаци треба да претставува еден од клучните двигатели на економскиот развој во Пелагонискиот регион во наредните години, оцени министерот за транспорт и врски Александар Николоски при посетата на општината.
Според него, зоната е стратешки поставена за да привлече нови домашни и странски инвестиции и да создаде услови за отворање на нови работни места за жителите на Новаци, но и за граѓаните од соседните општини Битола, Могила и Демир Хисар.

„Целта е да се создаде современа индустриска зона која ќе биде двигател на локалниот економски развој и ќе обезбеди нови можности за вработување. Ова не е проект само за Новаци, туку за целиот регион”, истакна Николоски.
Тој посочи дека интересот за инвестирање во зоната е голем, што го потврдува и фактот дека сите парцели се веќе продадени. Во моментов се градат првите два производствени капацитети наменети за лесна и незагадувачка индустрија, а во следниот период треба да започне и изградбата на внатрешната инфраструктура.
Според Николоски, паралелно со развојот на индустриската зона се реализираат и други инфраструктурни проекти кои ќе придонесат за подобрување на условите за работа и инвестирање. Тој посебно го издвои автопатот Прилеп – Битола, чија изградба, како што рече, ќе ја подобри поврзаноста на регионот и дополнително ќе ја зголеми неговата атрактивност за нови инвестиции.

Министерот оцени дека комбинацијата од нова индустриска зона, модерна патна инфраструктура и поддршка од централната власт создава реални предуслови за економско заживување на Пелагонија и за задржување на младите луѓе преку отворање на нови работни места и развојни перспективи во регионот.












