Иако сме среде зима снегот во градот под Пелистер речиси и да го нема. Иако во изминатата недела се најавуваше, а најмногу го очекуваа земјоделците и децата да се израдуваат, денеска само во утринските часови го имаше низ градот. Чистењето на снегот и мразот во зимски услови го врши битолска Нискоградба. Првиот човек на ова јавно претпријатија вели дека се подготвени за работа и располагаат со доволна количина на сол и ризла, доколку за нив има потреба.
„Нискоградба моментално на залиха има 200 метри кубни ризла и 150 тони сол, така што спремни сме за периодот што претстои за решавање на проблемите на граѓаните. Располагаме со возен парк којшто е во кондиција. Имаме 11 возила спремни кои ќе делуваат на територијата на Општина Битола и старата општина Кукуречани. При евентуални врнежи знаете дека работиме со приоритети. Знаете дека прво се работат улиците од прв приоритет, пристапните патишта до сите установи кои што се од витален карактер за функционирањето на градот, а потоа откако ќе се решат тие сообраќајници се оди кон периферијата на градот“, рече Зоран Талевски, директор на ЈП Нискоградба.
Зимската служба на ниво на Општина Битола функционира 24 седум, при евентуални врнежи од снег чистењето и годинава ќе се одвива според приоритет.
„ Зимската служба почнува од 15-ти ноември до 15-ти март, така што 24/7 возниот парк е покриен со екипаж, односно за сите возила има потребни шофери и машинисти“, рече Талевски.
Со добро организираната зимска служба, минатата година, како што рече директорот ги надминале проблемите предизвикани од врнежите на снег во зимата. Така вели ќе биде и годинава.












