Шпанија е погодена од нова катастрофа од поплави. Силното невреме што во четвртокот го погоди Кадакес, град во провинцијата Жирона во Каталонија, предизвика нова поплава, јавува МИА.
На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа како беснее поројна вода и носи сè што е на патот, вклучително и повеќе од 30 возила. Дождот беше толку силен што создаде порој кој носеше се пред себе, а моќта на поројот најдобро се изразува со тоа што носеше автомобили како да се направени од хартија.
Жителите се разбудија со нови сцени на пустош, при што властите открија дека вкупно 32 автомобили биле однесени од поплавите.
„Силниот дожд остави шокантни слики во Кадакес. Водата се излеа по потокот на тој каталонски град со таква сила што однесе вкупно 32 автомобили“, објасни градоначалничката на општината, Пиа Серинјана.
Каталонската метеоролошка служба (Метеокат) посочи дека количината на дожд може да надмине 100 литри на метар квадратен.
Последните поплави ја погодија Шпанија нешто повеќе од една недела откако повеќе од 200 луѓе загинаа во Валенсија.
Засега нема информации за жртви во денешните поплави.
Фото: CatalanNews












