Цените на 73 прехранбени производи, кои се дел од есенската потрошувачка кошница, треба да бидат пониски до 31 октомври, а производите вклучени во оваа кошница, треба да бидат јасно обележани со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Мерката на Владата за намалување на маржата на 10 проценти стартува денес, целта ни е да го олесниме животот на граѓаните, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Во врска со информациите дека дел од маркетите ги покачиле цените неколку денови пред усвојување на оваа есенска кошничка изјави дека секој кој се однесувал неморално и неетички ќе биде санкциониран.
„Апсолутно, секој оној којшто се однесува шпекулативно и неморално и неетички ќе биде санкциониран“, дециден е Мицкоски.
Од СДСМ велат дека се зголемуваат трошоците на живот на граѓаните, цените на основните производи продолжуваат да растат.
„Последните податоци за потрошувачката кошничка покажува ново зголемување во однос на месец август исто како и трошоците за храна и пијалаци кои за еден месец се зголемиле за 717 денари.
Ова е уште една потврда дека мерките на владата на Мицкоски се задоцнети и јасен показател дека нема да имаат реален ефект, ниту врз цените ниту врз стандардот на граѓаните.
Очигледно Мицкоски чекаше со намалување на цените на производите заради решение во интерес на интерес на трговците, а не во интерес на граѓаните.
Владата треба да донесе мерки со кои реално и вистински ќе ги намали цените а не да мачка очи“ стои во соопштението на опозициската партија.












