ТЕРА

REKLAMA???

ОДБЕЛЕЖАН ЈУБИЛЕЈОТ 40 ГОДИНИ РЕК БИТОЛА

Во Битола се одбележа голем јубилеј, 40 години од производството на првите киловати електрична енергија од РЕК Битола, во присуство на гости од различни сфери на економскиот и општествениот живот и високи владини претставници.

Термоелектраната на Рударско-енергетскиот комбинат беше синхронизирана со системот во далечната 1982 година, ноќта меѓу 4 и 5 ноември.

РЕК Битола останува темелот на електро-енергетскиот систем на нашата држава, рече генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски на свеченоста, кој нагласи дека за жал во изминатите 30 години од страна на сите политички елити пропуштено е времето за стратегиско делување во енергетиката, и од тие причини денес се соочуваме со енергетската криза потпирајќи се на постоечките капацитети, стари по 40 и 50 години.

,,Енергетската трансформација на РЕК Битола и преминувањето од производство на електрична енергија од јаглен кон производство на чиста енергија од обновливи извори и од гас, ќе оди постепено и со план, во фази кои ќе дозволат енергетски безбедна и социјално праведна транзиција. Гасната електрана со капацитет од 250 до 400MW и четири фотонапонски електрани од вкупно 280MW кои ќе се градат во кругот на РЕК Битола,ќе треба да ги заменат трите блока од термоелектраната. Во следната една деценија транзицијата треба да биде завршена, производството да биде префрлено на чисти извори, а вработените преквалификувани, обучени и подготвени за оперирање на новите капацитети. Манипулативни се неодговорините изјави и заплашувања на одредени политичари за брзо, непланирано и штетно затворање на РЕК Битола. Тоа ниту е можно, ниту ќе се случи”рече Ковачевски.

Генералниот директор Ковачевски изрази благодарност за подрршката до Владата, премиерот и економските министери, како и благодарност за ангажманот на вработените во услови на енергетска криза.

Нашата цел е да обезбедиме оджлива иднина на РЕК Битола. Имаме план, а кога во енергетиката се зборува за план тоа значи да се има план за наредните десет години и прецизен план со месечни динамики за пет години”, рече премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање по повод 40 години РЕК Битола.

„Трансформацијата на комбинатот во капацитет за производство на чиста енергија се движи постапно. Токму сончевите електрани ќе бидат двигатели на енергетската транзиција во Северна Македонија. Во ЕСМ се финализираат и други проекти за изградба на фотонапонски централи во РЕК Битола, со капацитет помеѓу 200 и 300 мегавати. Работните места на сите работници сега и во идна со енергетската трансформација се сигурни. Нивната пожртвуваност и во најтешки и најсложени временски услови да обезбедат суровина за производство на електрична енергија, е вреднувана и ценета не само од раководството на РЕК Битола и АД ЕЛЕМ, од Владата туку и од сите граѓани на Република Северна Македонија. Инвестициите во енергетиката се наш фокус за да имаме резултати сега, но пред сè на среден и долг рок”, рече премиерот Ковачевски.


Премиерот Ковачевски рече дека Владата е силно фокусирана на инвестициите во енергетскиот сектор, кои ќе ја зголемат енергетската транзиција и независност и тоа е нашиот влог во иднината.

На свеченоста свое обраќање имаше и министерот за економија, Крешник Бектеши.

„На сите вработени во РЕК Битола им ја честитам 40-годишнината од пуштањето во работа на стожерот на електроенергетскиот систем на Македонија. Сакам да им се заблагодарам за сите напори кои ги вложуваат за да одговорат позитивно на предизвикот во кој што се наоѓаме со производство и снабдување со доволно количество електрична енергија од домашно производство, во целиот овој период на енергетска криза. Верувам дека заедно успешно ќе ја надминеме оваа криза која го зафати целиот свет и ќе ја продолжиме зелената транзиција која го вклучува и РЕК Битола, како најстар енергетски капацитет“ рече Бектеши.

Директорот на РЕК Битола, Пеце Матевски, повика на едноминутно молчење за да им се оддаде почит на работниците кои низ годините ги дале соите животи на работното место во РЕК Битола.

,,40 години откако комбинатот започна да произведува домашна, македонска електрична енергија, повторно е исправен пред предизвикот да понесе огромен дел од товарот на енергетската криза во која се наоѓа државата. Иако скоро средовечен и со скоро една деценија повеќе живот отколку што беше проектиран, РЕК Битола мора да продолжи стамено. Затоа, без разлика на дотраените постројки, пумпи или цевки, во првите девет месеци од годинава РЕК Битола го зголеми своето производство за 30 проценти во однос на истиот период лани. Во услови на енергетска криза, РЕК Битола одговори со единственото нешто што од него се очекува – да произведува повеќе домашна струја која достигна вртоглави цени на берзите. Во комбинатот се изведуваат техничко – технолошки операции кои ги нема ниту во книгите. Се интервенира брзо и ефикасно, се санираат дефекти кои се појавуваат на дотраената опрема, се штеди секоја минута со цел – зголемено производство на електрична енергија”-рече Матевски.

На присутните им се обрати и ќерката на првиот директор на РЕК Битола, Никола Грашески. Благодарници и за премиерот и министерот за економија, како и за новинарите Петар Ставрев и Менде Малденовски за нивното документирање на случувањата во РЕК Битола во изминатите децении.

На свеченоста беше прикажан дел од информативно- докментираниот филм кој денеска премиерно за гледачите ќе се емитува во 19 часот на програмата на Тера телевизија.