ТЕРА

REKLAMA???

Општина Прилеп го воведе електронскиот систем „Е-даноци“

Електронска наплата на даноци за брзо и ефикасно подмирување на обврските воведе Општина Прилеп.

Даночните обврзници-физички и правни лица во Општина Прилеп, од оваа година имаат можност своите обврски, комуналните такси и данокот на имот да ги подмират преку електронска наплата. Апликацијата Е-даноци www.edanociprilep.mk  е поставена на веб-страницата на Општината и овозможува, преку едноставна постапка и без физичко присуство во Одделението за администрирање на приходи, навремено и лесно подмирување на даночните обврски кон општината.

„Овој начин на електронска наплата е особено корисен за иселениците кои имаат имот на територијата на Општина Прилеп, а не се во можност физички да ги подмират своите обврски кон општината“, истакна Јованчо Шишкоски, раководител на Одделението за администрирање на приходи при Општина Прилеп.

Вкупниот процент на наплата на даноци за 2025 година во Општина Прилеп изнесува 60 проценти. Во текот на годината, општината има наплатено даноци и комунални такси во вкупен износ од 137 милиони денари.

Иако процентот на наплата бележи континуиран раст од година во година, од Одделението за администрирање на приходи потенцираат дека даночните обврски треба да се подмируваат поодговорно, бидејќи токму од овие приходи се обезбедуваат услугите за граѓаните.