Граѓаните на Србија денеска гласаа на вонредните парламентарни избори, покраински и локални избори.
Како што јавува РТС, повикувајќи се на првичните неофицијални податоците на ЦЕСИД/ИПСО, СНС води со 46,4 одсто гласови, а втора е листата “Србија против насилство” со 23,3 одсто.
Социјалистите на актуелниот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ имат освоено 6,9% од гласовите.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ во обраќањето од штабот на партијата кажа дека нивната партија е убедлив победник и дека победата е поголема од очекувањата, нешто што претходно го кажа и претседателот на земјата Александар Вучиќ.
„Само нашата листа ќе има повеќе од 125 пратенички мандати“, посочи Брнабиќ.
Претседателот на Социјалдемократската партија Борис Тадиќ вечерва ги повика сите опозициски партии заеднички да поднесат кривична пријава против организаторите на, како што наведе, „незаконското гласање на граѓаните од соседните држави“.
Како што претходно објавија медиумите во Белград, претставници на опозицијата и дел од граѓаните тврдат дека во Штарк арената во Белград масовно се собираат луѓе кои биле донесени да гласаат со автобуси од Република Српска, кои потоа по списоци се распоредени на различни избирачки места.
Опозицијата пак смета дека поради зголемената излезност во Белград тие ќе ја освојат власта во главниот град.












