Во светот на уметноста, каде зборот и музиката се спојуваат, се роди „Пелагонска плетенка“ – уникатен поетско-шлагерски перформанс, вистинско доживување што инспирира. Пелагонска плетенка ги обедини актерот Игор Трпчески и музичарот Бранислав Николов, водени од музичката поезија на проектот „Пијан славеј“.
„Пијан славеј“ е музичко-поетски проект зад кој стои Бранислав Николов, познат како фронтмен на култната група „Фолтин“. Овој формат тежнее да ја оживее македонската шансона, обединувајќи го духот на шеесеттите и седумдесеттите години со современа музичка естетика. Неговите песни како „Парфем“, „Крв да ни се стори“ и „Сонце“ веќе се хитови на социјалните мрежи, додека музичките и поетските изведби на Николов внесуваат нова енергија и автентичност во македонската музичка сцена.
Како уметник, Николов носи богат репертоар со десетина албуми и музика за над 30 театарски претстави и филмови, вклучувајќи ја и наградуваната „Медена земја“. Покрај неговиот музички успех, Николов е истакнат поет со четири издадени поетски збирки.
На сцената, „Пелагонска плетенка“ доби посебен сјај со актерот Игор Трпчески. Дипломиран актер на Факултетот за драмски уметности во Скопје и специјализиран режисер на Националната академија НАТФИЗ во Софија, Трпчески зад себе има богата кариера со повеќе од 40 театарски претстави. Тој е добитник на бројни награди, вклучувајќи ги и престижните Гранд при на фестивалите „Лица без маски“ и ДАФ Кочани.
„Пелагонска плетенка“ не беше само перформанс – тоа беше патување низ звуците, зборовите и емоциите. Таа гги обедини најдобрите традиции на македонската уметност, пренесени преку енергијата на двајца врвни уметници.












