Државата мора да остане на патот на европските интеграции без оглед на тоа која извршна власт ќе раководи по изборите во мај 2024-та и какви ќе бидат раздвижувањата по изборите за Европскиот Парламент и претседателските избори во САД, порача денеска шефот на државата Стево Пендаровски во годишното обраќање пред пратениците во Собранието.

Пендаровски, кој истакна дека му претставува особена чест по петти пат во законодавниот дом да ѝ се обрати на македонската јавност, сега за последен пат во овој мандат како претседател, говореше на повеќе теми, а акцент меѓу другото стави на евроинтегративниот процес на земјава, особено по последниот самит на ЕУ, на кој не беше донесена одлука за практичен почеток на преговорите, поради неусвоените уставни измени.
Претседателот на државата нагласи дека евентуалното забавување, уште повеќе, како, што посочи, целосното запирање на европските интеграции нема да се одрази добро врз ниту една сфера од општественото живеење, почнувајќи од економијата, па, сѐ до меѓуетничките односи.
„Ентузијазмот меѓу граѓаните за членство во Унијата драматично опаѓа, се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка за преговорите кои секогаш имаат неутрализирачки ефект наспроти структурите кои сакаат да ја поткопаат демократијата. Последните одлуки на Европскиот совет, за жал, го потврдија песимистичкото сценарио за Западниот Балкан, кое некои дипломатски кругови го најавуваа од почетокот на војната во Украина. Неспорно е дека ние не ја завршивме нашата домашна задача во однос на преземените обврски, но, тешко е да се пронајде логика и во последните одлуки на Брисел со кој практично беше целосно заобиколен регионот, што сигурно дополнително ќе придонесе за опаѓање на атрактивноста на проектот наречен „Обединета Европа“. Изјавата дека ќе биде геополитичка катастрофа ако Украина и Молдавија добијат приоритет во однос на Балканот не е моја, ниту на некој македонски политичар, туку на австрискиот министер за надворешни работи во која се содржани сите наши фрустрации и изневерена надеж“, рече Пендаровски.













