Свеченото отварање на конференцијата, го обележа ова издание како едно кое имаше многу прилики да прославува, најпрво со оддавање почит од страна на ПИН преку доделување на „Такисрат“ наградите. Овие награди беа доделени до: Оливер Белопета за своето влијание во џез музиката, именувајќи го – „македонски џез претседател“, Кирил Џајковски – претставникот на нашата држава ширум светот како „македонски амбасадор“, Младински Културен Центар како домот на музиката во Скопје и „Скопско“ за македонски бренд по повод нивните 100 години постоење. Притоа и на ПИН официјално му беше предадена наградата за „Најдобар нов настан“ чие признание го освои оваа пролет на Годишните награди за музички конвенции (YMCA) доделени од страна на реномираниот британски фестивал „Д Грејт Ескејп“ (The Great Escape).
Во рамките на концертната програма, ПИН на македонската публика ѝ претстави извонредни изведувачи од 16 држави од Европа, како и домашните артисти кои го докажаа своето несомнено влијание па МКЦ беше преполно како никогаш досега за македонските легенди „Верка“ кои успешно го прославија 20-тиот јубилеј од нивниот деби албум „Џага“, а голем одзив имаше и за панк ѕвездите „Паркети“, како и најмладите од домашната сцена „Короужон“ (Corrosion), „Луфтанза“ и „Доуп Куќата“.
Продолжувајќи го трендот на прославување, инди-рок бендот од Романија, „Зимбру“ за време на ПИН беа прогласени за победници на годинашните ХЕМИ Музички Награди (HEMI Music Awards 2022). Овие музички награди се создадени со цел да овозможат повеќе можности во интернационалната кариера на нови, млади музичари од централна и југоисточна Европа. Имено, секоја година се избираат 27 изведувачи од 9 европски држави (Македонија, Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Полска, Романија, Србија, Словенија), од кои потоа 9 финалисти продолжуваат во втората фаза со шансата да бидат добитници на наградата вредна 5000 евра која ги покрива трошоците на артистот за време на настапите низ европските фестивали. Од македонските изведувачи оваа година финалисти беа скопскиот бенд „Зулу 3.4“, а во првата фаза покрај нив во трката учествуваа „Луфтанза“ и Дина Јашари.
Со прогласувањето на победникот веќе следниот ден беше отворен и новиот повик за пријавување за ХЕМИ Музичките Награди за 2023. Сите заинтересирани млади соло музичари или групи можат да се пријават на повикот најдоцна до 8 јануари 2023, преку официјалната страна на ХЕМИ (https://hemimusichub.com/open-call-2023/). Овогодинешното издание на ПИН музичката конференција беше организирано со поддршка од Центарот на европската мрежа за размена на музички иновации (HEMI), проект кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија.













