Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 4,85%.
Според последните анализи, референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар бележат значително зголемување. Бензините се зголемени во просек за 8,98%, додека дизелот за 10,98%. Екстра лесното масло за домаќинство и мазутот исто така забележуваат зголемувања од 9,80% и 0,87% соодветно.
Во исто време, курсот на денарот во однос на доларот е за 0,22% понизок од претходниот период, што дополнително влијае на ценовната структура.
Па така, од денеска 18 август, малопродажната цена на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе изнесува 91,50 ден/лит и 93,50 ден/лит, што е зголемување од 4,50 ден/лит. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе биде 98,00 ден/лит, што е зголемување од 6,50 ден/лит.
Малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе изнесува 98,50 ден/лит, со зголемување од 6,00 ден/лит, додека цената на мазутот М-1 НС ќе биде 43,726 ден/кг, со зголемување од 0,188 ден/кг.
Овие промени во цените на нафтените деривати се резултат на глобалните трендови и влијанијата на берзанските цени, се вели во образложението на РКЕ , како и примената на намален износ на акцизата за одредени видови горива.











