Преголема е моќта на градоначалниците и таа треба да се ограничи вели претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела вода Орце Ѓорѓиевски. Во ЗЕЛС се работи на составување тим кој ќе предложи измени во законот за локална самоуправа со цел механизам за смена на градоначалник.

„Можете да смените градоначалник само на избори. Јас сметам дека треба да се ограничи моќта. Тогаш градоначалникот ќе знае дека може да почне, но нема да му заврши можеби мандатот до крајот на мандатот и логички е дека ќе размислува за нешто да реализира. Ние имаме градоначалници од минатото кои што 4 години ги поминаа во хибернација мандатите, кои што ги преспаа народски кажано мандатите и нема никаква казна, казната единствена е изборите. Мора да има да се воведе механизам со кој што и порано може да дојде до одговорност“ вели Ѓорѓиевски.

Не зборувам само за кривична одговорност, но за одговорност кај градоначалниците и на тој начин да се регулира неговото работење или неработење, вели тој.
„Ако некој избран, како што јас сум бил избран, не значи дека можам сега 4 години да спијам, земаќи ја во предвид со состојбата дека не постои законска регулатива за некој да ме промени. Токму затоа правиме тим кој што ќе работи на измени во законот за локална самоуправа и ќе се однесува токму на овој дел“ вели претседателот на ЗЕЛС во интервју за Радио Слободна Европа.

Инаку на крајот на 2023 година потпретседателот на ЛДП, Валентин Груевски тогаш рече дека ЛДП започнуваат граѓанска иницијатива за можноста за отповикување на градоначалниците преку измени на Законот за локална самоуправа и собирање на потписи за референдум.
„Секој друг во оваа држава, вклучувајчи го и претседателот може да биде променет. Тоа е нелогично бидејќи може да имате и имаме градоначалник кој троши годишно 25, 30, 50 или 500 милиони евра, а за четири години не постигнува никаков резултат. Мора да се најде некаков начин по кој тој градоначалник ќе одговара или ќе има институт со кој тој ќе биде сменет. Ние сметаме дека референдумот на кој би се изјасниле граѓаните за промена на градоначалник е едно легитимно средство со кое тој градоначалник може да биде променет“ рече тогаш потпретседателот на ЛДП, Валентин Груевски.

Во законот за локална самоуправа од 2002 година во членот 54 стои дека на градоначалникот му престанува мандатот по сила на закон:
– ако поднесе оставка;
– во случај на смрт;
-ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење над
шест месеци;
– ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност;
– ако настапи случај на неспојливост за вршење на функцијата согласно со Законот за
локални избори;
– во случај на неоправдано отсуство подолго од шест месеци и ако престане да биде
жител на општината.












