Александар Поповски ( 13 февруари 1932 г. од с. Долно Котoри -денешна Р. Грција ) е македонски партизан, учесник во Демократската Армија на Грција и во НОБ во Егејска Македонија и борец за човекови права.

Во 1947 година под името Искра станува курир на партизаните, а од март 1948 година веќе е во борбените редови на елитната чета и зема учество во битката на Грамос, која започнала на 17 јуни, а завршила на 21 август. На 24 септември Александар е тешко ранет, а по лекувањето во Албанија, се враќа повторно назад и се бори во четата на командантот Ѓорѓи Пејков, со која точно пред 73 г. учествува во трагичната битка за Лерин, која беше катастрофална за ДАГ која брои околу 700 загинати партизани, а тој, токму на својот роденден останува единствен преживеан од својата 107 ма бригада. По поразот на ДАГ и евауацијата на КПГ (комунистичка партија на Грција ) довеле до тоа илјадници луѓе да ја напуштат земјата, меѓу кои и Поповски кој во Ташкент останал 9 години, каде што се школувал во тамошната Воена Академија и оформил фамилија со соборката Василка Шукалова – Поповска.


По враќањето со фамилијата во Македонија (1957 г.), иако постојано прогонуван, неговата активност не престанува. Станува еден од иницијаторите за формирање на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во 1972-73 г.кое до денес со 11-те одбори низ градовите на Македонија заедно со своите членови и соработници се бори за човекови права, слободи и национална рамноправност преку светските организации каде вбројуваат околу 50 петиции и барања за човекови права на Македонците во соседните земји и светот испратени до ОН, ОБСЕ, Стразбур, Хелсинки и претседателите на многу европски и странски земји.

Претседателството на Здружението во 1990 г. ги организираше првите протести и блокади на граничните премини кон Република Грција и Република Албанија заради непочитувањето на човековите права и за признавање на Македонците како посебен народ во соседните земји, и исто така поради неможноста на протераните и избеганите Македонци да се вратат во родната земја доколку одбијат да се декларираат како Грци по род.

Здружението беше морална, а во извесна мера и финансиска поддршка на сите македонски организации во Пиринскиот дел на Македонија, Македонците од Егејскиот дел на Македонија, Македонците од Албанскиот дел на Македонија со кои беше, и сè уште е во беспрекорна соработка.

Здружение на Македонците од Егејскиот дел на Македонија веќе пред 42 г. ги организира првите средби на Македонците кои ги напуштиле своите родни огништа и тоа најпрво како Селски, Лерински, Погранични за на крај денес да прераснат во Семакедонски кои се одржуваат во с. Трново. Поповски учествува и на последната средба за човекови права на тогашниот КЕБС во на која учествуваа 38 земји, на кое се дискутираше за правата на Македонците насекаде во светот.

За својата неуморна работа, Александар Поповски е одликуван со пет ордени и тоа за Заслуги за народот и тоа: „Сребрена Sвезда “ од Претседателството на Бивша Југославија, потоа од Претседателството на Иселеништво на Македонија, од Синодот на МПЦ -ОА, со позлатена плакета од Светскиот Македонски конгрес како прв сенатор на Македонија, а во 2006 г. е избран за почесен граѓанин на Општина Битола од Битолски весник.

До денес, Александар Поповски, на 90 годишна возраст сѐ уште беше истакнат борец за човекови права и слободи на Македонците ширум светот, и како почесен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија присуствува и е консултиран на состаноците кои ги одржува претседателството.

Александар Поповски во мај 2021 г. ја издаде својата книга Искра (мемоари) со поднаслов: За револуционерното минато на Долно Котори и долнокоторци со посебен осврт на Граѓанската војна 1946-1949 г. во Грција.

За жал поради пандемијата промоцијата не се случи, освен во затворен круг на 2 август 2021 г, па се надеваме дека второто издание, зашто веќе сите книги се подарени, ќе дочека своја втора промоција, како што имаше желба самиот тој.












