Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваше на погребната миса посветена на Неговата светост Папата Франциск, што се одржа пред базиликата Свети Петар во Ватикан.

„Голема чест ми беше да учествувам во церемонијата на оддавање немерлива почит и во испраќањето на папата Франциск во вечниот дом. Неспорно е дека овој скромен човечки џин го обележа векот, храбро чекорејќи по патиштата на милоста, добрината и човечноста.
Си замина со љубов и солзи во базиликата Санта Марија Маџоре, откако го собра и обедини целиот свет, сиот народ, сите верници и верски великодостоинственици, државници, носители на највисоки функции.
Неговите дела совршено соодветствуваа на неговите зборови и ставови.
Папата Франциск го вложи сиот свој духовен капацитет и морален интегритет
во решавањето на проблемите на обичните луѓе, но и глобалните проблеми и уживаше огромна почит од сите категории луѓе, од најсиромашните, до најбогатите и најмоќните.
За време на неговата историска посета на Скопје, папата Франциск нè охрабри нас, македонските граѓани да опстоиме на својот посебен историски, национален и културен пат, неразделен од европскиот, изразувајќи ни разбирање, симпатија и поддршка“ вели претседателката Сиљановска-Давкова.















