Филмот „Јанѕа“, кој го следи животот и делото на професорот, академик, поет и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик Блаже Конески, ја имаше својата премиера.
Истиот е подготвуван и сниман во период од три години, и драматуршки зборува за патување низ времето, за она што сме денес и што ќе бидеме утре. Филмот е подготвуван според мотиви од „Дневник по многу години“ на Конески, од истакнатиот македонски документарист, Никола Т. Калајџиски. Во продукција е на „Контраст филм“, а продуцент е Златко Димески.
Монтажата на филмот е на Аристид Филактов, додека композитор на музиката е Златан Миливоевиќ, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски. Како директори на фотографија се јавуваат Дејан Димески и Петар Кочишки. Сценаристот и режисер на филмот, познатиот документарист Калајџиски, зад себе има кариера со голем број документарни филмови кои се прикажувани на домашни и меѓународни фестивали. Овој негов најнов филм, посветен на централната личност на македонскиот XX век, се очекува да фрли нова светлина врз ликот и делото на Конески, затоа што не само што во целост го претставува неговиот влог за македонската култура и наука, како и воопшто за современата македонска држава, туку опфаќа и димензии на неговата личност кои не се многу коментирани во досегашните осврнувања за великанот и малку познати сегменти од неговата биографија.

Проф. д-р Људмил Спасов од Филолошкиот факултет „Блаже Конески”, кој е еден од стручните соработници на филмот, го објасни значењето на зборот „јанѕа“. Како што посочи, јанѕа е метафора која науди различни токувања – мака, радост, надеж. Јанѕа е зборот кој што Конески често го употребувал во своето уметничко творештво.
Проф. д-р Елена Јованова Грујовска, директорката на Институтот за македонски јазик, која исто така е една од стручните соработници на филмот, посочи дека за Конески останува материјал за кажување за уште најмалку два или три филмови. Конески, како што рече, е неисцрпна инпирација.
Дејан Димески на прес-конференцијата истакна дека филмот е подготвуван во период од три години, со над 25 соработници и од 40 до 50 снимачки дена.
Огромното значење на делото на Конески за македонската култура и наука и воопшто за нашата држава се претставува преку кажувањата на повеќе истакнати академици, универзитетски професори и воопшто научници / истражувачи од областа на македонистиката и воопшто од областа на лингвистиката, книжевната наука и културологијата, вклучително и странски македонисти кои важат за познавачи на делото на великанот – негови современици и потомци.
Филмот е реализиран сo поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.












