ТЕРА

REKLAMA???

ПРОМОВИРАН ФИЛМ ПО ПОВОД 79 ГОДИНИ НАСТАВА НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО БИТОЛСКАТА ГИМНАЗИЈА

Гимназијата „Јосип Броз – Тито“ е важен и урбан дел од градското јадро на Битола. На денешен ден, 6 февруари, 1945 година започна наставата на Македонски јазик и оттогаш, 79 години исправено се носи со сите воспитно-образовни предзивици кои ги носи текот на времето.

Некои ќе речат, 79 години не е јубилеј, но постојаната работа со гимназијалците, кои секоја година понесуваат значајни награди на државни, меѓународни натпревари, кои вредно учат и својата иднина ја градат од темелите кои токму овде во оваа Гимназија ги поставуваат преку редовната настава и воннаставните активности – високите спортски, уметнички, општествени и достигнувања во природните науки, се гордост на целиот град.

Библиотеката не е место само каде што се складираат книги – туку и место каде се споделуваат големи идеи, па така е создаден и краткиот филм „Старецот на сите генерации“, токму во училишната библиотека, на малите одмори.

Филмот е во режија на Давид Козаров, сценариото е дело на сите учесници во филмот. Улогите ги толкуваат: Борис Граматковски, Ана Спасеска, Дарко Велкоски, Илина Козарова, Горазд Петровски, Ангела Наумовска, Мими Марковски , под менторство на проф. Биљана Т. Димко.

Гимназијата „Јосип Броз – Тито“ Битола е една од најстарите, најреномираните и најквалитетни средни училишта во Македонија. Долги години образува и воспитува генерации на ученици, кои се подготвени да се справат со предизвиците на новото време, секогаш настојувајќи кај нив да развијат вредности, кои ќе им овозможат да изградат успешна иднина.

Денешната гимназија „Јосип Броз Тито“, започнала да работи во 1892 година и тоа како нижа гимназија. Зградата во која се отвора гимназијата му припаѓала на богатиот битолски бег Сали паша. Во гимназијата се образувале ученици од целиот Битолски вилает, па оние кои не биле од градот, претстојувале во интернат кој бил во рамките на самото училиште. По ослободувањето на Македонија, Гимназијата ја продолжила својата дејност и на 6 февруари 1945 година гимназијата започна со редовна настава на македонски јазик, со решение на Народната влада на Демократска Федеративна Македонија. Од следната учебна година 1945/46, покрај гимназиски, биле отворени и паралелки за образование на учители, кои биле неопходни за ширење на образованието на мајчин јазик. Од тие паралелки и ново запишаните ученици, во идната школска година 1946/1947 се отворила учителска школа, која подоцна прераснува во нова гимназија, а учителската школа прераснува во Педагошка академија од учебната 1964/65 година.

И денес Гимназијата е расадник на успешни млади луѓе кои цврсто чекорат по своите кариерни патеки и секогаш се навраќаат да се потсетат на деновите поминати во училиштето.