Под мотото „УЛТИМАТУМ – Не благодарам“ илјадници граѓани синоќа протестираа против прифаќањето на францускиот предлог за тргање на бугарското вето и отворање на преговорите за членство на Македонија во Европската Унија.

Протестот беше поддржан од повеќе политички партии и граѓански организации. Тие се против тоа Владата да го потпише францускиот предлог кој, како што истакнуваат, е исклучително лош за македонскиот народ и македонските национални интереси.

На протестот се обратија и новинари, универзитетски професори, музичари. Тие ја повикаа Владата да не го потпишува предлогот со порака „Македонија е се што имаме и од неа никогаш и под никакви услови нема да се откажеме“.

Нас не ни треба Европа, ако треба да се асимилираме, е пораката што ја упати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред почетокот на протестот.
„Јас не сакам да бидам во Европа затоа што имам право да бидам Македонец, кој говори на македонски јазик и кој се бори за својата Македонија, за својот идентитет, за својата култура, за својата историја и за совоето наследство. Тоа е она што сакам да го порачам, а тоа го порачуваат и овие десетици илјади граѓани, за неколку недели од оној грандиоизен настан од 18 јуни, изјави Мицкоски.

На Владата, како што рече Мицкоски, и порачува дека него не го интересираат пораката на Еди Рама, туку го интересира пораката на овие илјадници луѓе тука, а тоа е „не“ за последниот предлог.
„Ќе почекаме, ако Европа не е подготвена да не прими нас цивилизираните Македонци, на цивилизиран и достоинствен начин, таму каде што ни е местото, а тоа е во Европа, ќе почекаме кога ќе дојдат луѓе кои го разбираат она што ние денеска сакаме да го кажеме. А тоа е Македонија пред и над се, македонскиот идентитет пред и над се, нагласи лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Мицкоски.












