Државниот студентски дом „Кузман Јосифовски – Питу“ е во процес на темелна реконструкција и се очекува на почетокот на следната календарска година објектот да биде целосно обновен, модерен и енергетски ефикасен, кажа министерката за образование Весна Јаневска за време на денешниот увид во градежните работи заедно со премиерот Христијан Мицкоски.

„Оваа активност е дел од проектот за енергетски ефикасна обнова на 9 државни студентски домови во Македонија, за кој голема поддршка добиваме од Европската унија и Германската развојна банка. Ова е прва фаза во која покрај студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, опфатен е и студентскиот дом „Стив Наумов“, рече Јаневска, додавајќи дека досега е обезбеден буџет од 30 милиони евра за реализација на проектот.

Следна фаза е обновата на четири студентски домови – „Никола Карев“ во Охрид, „Браќа Миладиновци“ во Штип, „Орде Чопела“ во Прилеп и „Томе Стефановски – Сениќ“ во Скопје, кои треба да ја намалат потрошувачката на енергија од 30 до 50%, а со тоа и емисијата на јаглерод диоксид. Додека во третата фаза ќе се реновираат студентските домови „Гоце Делчев“ и „Пелагонија“ во Скопје и „Кочо Рацин“ во Битола.












