„Самовилата со скршени крилја“ е најновата книга на Лили Бошевска чија промоција се одржа во Битола.
Промотор на книгата беше Биљана Т. Димко, а делови од книгата интерпретираше Веда Мавровска. Рецензијата на книгата ја потпиша писателот Добре Тодоровски, авторот на „Касијана“. Книгата излезе од печат 2021 година, а промоцијата се одржа сега.
Во 110 страници е раскажан животот, или вечната борба меѓу темната и светлата страна на постоењето.

„Најтешка самовилска казна беше, кршење на крилјата. Таа казна се изрекуваше за онаа самовила која ќе му помогне и ќе заштити човечко суштество кое е осудено од самовилите за нарушувањето на нивниот простор и слобода“, се вели во книгата.
Бошевска е научник, писател, поет и директорка на КИЦ Офицерски дом Битола.
Магистрирала во 2004 год на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, Скопје Р. Македонија, Институт за социолошки и политичко- правни истражувања; Постдипломски студии по кадровски менаџмент. Докторирала во 2013 година, на Универзитетот „Св, Климент Охридски“- Битола со докторската дисертација: Модел за стратегиско менаџирање за континуирано подобрување на успешноста на организацијата со користење на соодветни форми на комуникација и односи со јавноста.

Креирала и реализирала бројни обуки и консултантство во образование и бизнис сферата, во повеќе релевантни проекти и институции (Фонд за развој на човечки ресурси- Скопје, Агенција за развој на претприемништво АППРМ-Скопје, УСАИД, Технички факултет-Битола, Факултет на Југоисточна Европа ЈИЕУ-Тетово, ИОМ-Скопје, ФОН-Скопје ). Добитник е на Националната награда „Павлина Цунева Маказлиева“ за Најдобар библиотекар 2019. Член е на Македонското научно друштво.
Паралелно со сите професионални и животни активности и ангажмани, се занимава со литературно творештво, претежно поезија. Учествува на поетски фестивали во земјата и странство. Застапена е во повеќе домашни и меѓународни зборници, избори и антологии на поезија и проза. Автор е на поетските збирки: „Сенки во љубовта“, „Исповеди и екстази“ и „Алхемија на вечната земја“, како и на едукативната книга за деца: „Од приказна до драматизација и театар на сенки: Кокиченце девојченце“. Покрај пишување на поезија, Бошевска е автор на голем број стручни и научни дела и трудови од областа на менаџмент, образование и библиотекарство.












