Денеска официјално беше пуштена во употреба Приватната установа за социјална заштита на стари лица „Дом Софија“ во Битола. Пред присутните сопственичката Софија Ристевска се заблагодари за присуството до сите гости и раскажа какао дошле до идејата за отворање на овај објект.

„ Пред короната мојот татко реши дека треба да направиме една инвестиција и да направиме старски дом. После короната ние продолживме и еве денеска го отвораме. Идејата на овај старски дом е дека луѓето не само да ги згрижуваме, туку ќе им даваме надеж за живот, поточно третото доба не секогаш е доба кога луѓето умираат, или барем тоа не е нашата филозофија. Со оглед на тоа што татко ми, мајка ми и Гордана се психијатри секогаш идејата за душевниот болен, за незгрижениот човек, за старите луѓе, за оние луѓе што се на маргините секогаш ни била блиска и секогаш сме ја имале идејата дека сме морале да помогнеме“, рече од Софија Ристевска, од Приватната установа за социјална заштита на стари лица „Дом Софија“- Битола.

На свеченоста присуствуваше и градоначалникот на Битола кој им честита на сопствениците за идејата, за храброста и за реализацијата за отворање на Приватната установа за социјална заштита на стари лица.
„Верувам дека со високите стандарди кои ги исполнува објектот, корисниците на оваа установа ќе имаат можност за удобно сместување, квалитетна услуга, но и исполнети денови.Со воведувањето и на други социјални услуги, како: дневен центар за активно стареење, семејно советувалиште и сервис за помош и нега во домот, бенефитите ќе може да ги почувствуваат многу граѓани од Битола, а сигурно и од регионот.Оваа инвестиција, покрај што е особено важна за подобрување на социјалната заштита и здравствената нега на повозрасните сограѓани, истата има и позитивно економско влијание во општината, преку отворањето на нови можности за вработување.Се надевам дека, овој и други успешни примери, ќе го следат и други инвеститори, кои ќе градат и развиваат нови капацитети и бизнис идеи во нашиот град, а Битола во периодот кој претстои ќе продолжи да се развива како економски привлечна дестинација. Како локална самоуправа, подготвени сме за соработка и поддршка на сите инвеститори, во согласност со нашите законски надлежности и можности.Уште еднаш, испраќам искрени честитки до целиот успешен тим кој стои зад овој нов капацитет и посакувам успешна работа и многу задоволни корисници”, рече градоначалникот Тони Коњановски.

Објектот зафаќа површина од 1500 метри квадратни, со капацитет за згрижување на 60 штитеници.

„Освен што во домот ќе има лица кои ќе живеат, исто така ќе имаме можност да доаѓаат пензионери, повозрасни лица и сите љубители на клубови кои тука ќе се развијат. На почеток отвораме дневен центар за активно стареење во чии рамки ќе имаме две групи за почеток. Прво ќе имаме една група на лица коишто живеат со деменција, а живеат во своите домови и имаат соодветна нега, меѓутоа живеат во изолација и немаат да бидат стимулирани на било каков друг начин.Тие лица ќе можат да доаѓаат секојдневно во нашиот центар и да добиваат социјално психолошки активности кои ќе им помогнат да ги подобрат и зачуваат своите когнитивни и моторни способности, а исто така во претпладневните часови ќе имаме друга група на корисници-пациенти кои боледуваат од определени потешки растројства кои се во хроничен тек и ќе може исто така тука да добијат квалитетна психо-социјална дневна услуга. Попладне ќе има интересен живот за пензионерите преку клуб за шах, карти, читање на книги и разно разни активности. Домот е во фаза на лиценцирање на сервис за помош и нега на лица кои живеат дома, а на кои квалификуван медицински и немедицински кадар ќе им се испраќа да им помогне за различни потреби “, изјави проф Д-р Гордана Ристевска- Димитровска, директорка на установата.

Првата штитеничка сместена во Домот е Ратка Ѓошевска.

„Живеам во Канада 50 години и сега дојдов тука, но ги скршив нозете, па направив операција. Тука ми помогнаа многу добри луѓе. За овие кои сакаат да ги згрижат постарите лица, тука нека ги пуштат. Сите сме задоволни и шитиениците и семејствата“, рече таа.
Со благослов на Владиката Петар беше осветена установата.












