Градоначалникот Тони Коњановски е најлошиот менаџер во историјата на Општина Битола. За една година потроши 30 милиони евра, а граѓаните ништо не видоа!, рече на денешната пресконференција Јадранска Павловска, советник од СДСМ Битола.
„Коњановски и ДПМНЕ работат на систематско и смислено пустење на Битола и на безмилосно трошење на парите на битолчани. Еве ги доказите.
Со секој ребаланс на буџетот на општината минатата година, градоначалникот Коњановски ги намалуваше парите за капитални инвестиции, а ги зголемуваше за шетање и разно – разни трансфери.
Во првичниот буџет беа предвидени 8,6 милиони евра за капитапни расходи, односно изградба на улици и објекти, а 7,8 милиони евра за разни трансфери и договорни услуги. Со првиот ребаланс на буџетот, средствата за капитални расходи беа намалени на 8,28 милиони евра, а за трансфери и услуги беа зголемени на 8,25 милиони евра. Со вториот ребаланс, Коњановски отиде уште подалеку. Ги намали парите предвидени за капитални расходи на 7,5 милиони евра, а ги зголеми за трансфери и услуги на 9,2 милиони евра. Значи, Коњановски побара два ребаланси со кои се зголемуваа парите за шетање, ресторански услуги, разни трансфери и договорни услуги, а се намалуваа за изградба на инфраструктура во Битола.
Затоа почитувани битолчани, не ја гледате направена улицата што Коњановски ви ја ветуваше, ја нема градинката што Коњановски ја ветуваше. Не започна изградбата на училиштето во Буковски ливади. Го нема новоизградениот Планинарски дом Копанки. Нема ниту нова инвестиција во Жабени. Има срушени гаражи и трафики и еден синџир за возила кај Пионерски.
Со историски високиот процент на реализација на буџетот на општината со кој се фалат, Коњановски и ДПМНЕ се ладат со жешка вода. Ама, попарени сме сите ние во Битола.
Битола никогаш не била повалкана, Битола никогаш не била потемна, Битола никогаш не била понесредена од овие 17 месеци власт на Коњановски и ДПМНЕ, а се потрошија во ветер 30 милиони евра наши пари!!!“, изјави Павловска.












