ТЕРА

REKLAMA???

СЕ УШТЕ ИЗВОДИ ОД МАТИЧНИТЕ КНИГИ СЕ ПИШУВАЛЕ НА МАШИНА

Половина милијарда денари, односно 8,5 милиони евра за дигитализација на матичните книги – процесот сè уште незавршен, а дел од граѓаните добиваат изводи издадени на машина за пишување.

И покрај тоа што дигитализацијата на матичните книги започнала пред повеќе од една деценија, и вложени се над 520 милиони денари, со ревизијата се утврди дека процесот сè уште не е завршен. Скенирани се 52% од записите во матичните книги, а внесени во електронскиот матичен регистар се 49% од записите. Недостатокот на јасна стратегија, контролни механизми и квалификувани човечки ресурси го оневозможуваат подобрувањето на услугите за граѓаните и го зголемуваат ризикот од злоупотреби на лични податоци и губење на архивскиот материјал од трајна вредност.

Ваквиот степен на реализација не овозможува поедноставување и забрзување на услугите за граѓаните, ниту пак, доведува до подобрување на квалитетот на податоците што ги користат надлежните институции согласно своите законски надлежности.

Државниот завод за ревизија изврши  ревизија на информациски системи како ревизија на успешност на тема „Дигитализација на матичните книги“, со цел да одговори на прашањето Дали со дигитализацијата на матичните книги и процесите во Управата за водење на матичните книги ќе се поедностават и забрзаат услугите за граѓаните, а нивниот квалитет ќе се подобри?

Со ревизијата утврдено е дека Управата нема обезбедено соодветни услови за сместување на матичните книги и чување на архивскиот материјал од трајна вредност и на документарниот материјал за истиот да не се оштети, исчезне или уништи.

Утврдено е дека дел од вработените вршат внесувања и измени во електронскиот матичен регистар пред 6:30 часот и по 22 часот, без соодветен надзор. Исто така, во повеќе месни канцеларии се печатат и издаваат изводи од матичните книги и за време на викенди и празници.

Дигитализацијата на матичната евиденција преку електронските изводи значително ја олеснува пристапноста до административните услуги, овозможувајќи издавање документи преку порталот на Управата. За ова, граѓаните мора да бидат регистрирани на Националниот портал за е-услуги или на порталот на Управата. Анализата на податоците покажува дека 92% од електронските изводи се издаваат во Скопје, додека во поголемите градови како Прилеп, Битола, Охрид и Тетово бројот на издадените изводи е значително помал. Во помалите и рурални средини, како Гевгелија, Делчево и Пехчево, употребата на електронските услуги е речиси занемарлива. Ова укажува на потребата од засилена поддршка и развој на дигиталните сервиси, со цел обезбедување еднаков пристап за сите граѓани, се вели межу другото во извештајот на ревизорите.