Со скок од 19 позиции во однос на 2022 година, земјава се најде на 38. место од вкупно 180 земји во светот според Глобалниот индекс на слобода на медиумите на „Репортери без граници“. Тоа ја прави најдобро рангирана земја од регионот во поглед на слободата на медиумите во 2023 година.
Освен што е најдобро рангирана, Северна Македонија, по Црна Гора, има најдобар напредок на ова поле во однос на земјите од Западен Балкан, споредено со рангирањето од минатата година.
Земјите од Западен Балкан мора да воведат системски промени кои треба да бидат инспирирани од европската практика.
Македонија покажува реален потенцијал за промени и има соодветен напредок но дури и кај нас, медиумските слободи се загрозени поради структурни проблеми, се вели во најновиот извештај на Репортери без граници кој се однесува на индексот на слобода на медиумите.

Рангирањето на земјите според слободата на медиумите во 2023 година покажува дека земјава, со заземање на 38. позиција од вкупно 180, е лидер по слободни медиуми во однос на земјите на Балканот.
-Целокупната средина останува поволна за слободата на медиумите и дозволува критичко известување, иако транспарентноста на институциите е прилично слаба. Продолжува и тенденцијата, владините функционери да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите, стои во извештајот за Македонија.
Србија е единствената земја од Западен Балкан чија позиција се влошила во 2023 година – рангирана е на 91 место.

Едно место подолу од Македонија на ранг-листата, односно на 39. место е Црна Гора со позитивен скок од 24 позиции во однос на минатата година. Хрватска е позиционирана на 42. позиција, а Словенија го зазема 50. место според индексот на слобода на медиумите во 2023 година.
Полош ранг во поглед на слободата на медиумите во однос на земјава имаат и Косово кое се најде на 56. позиција, Босна и Херцеговина која го зазема 64. место. Според рангирањето од 2023 година, Бугарија е позиционирана на 71. место, Србија се најде на 91. место, а за пет места подолу на листата, односно на 96. место е рангирана Албанија.
Најнизок ранг од земјите од регионот во поглед на слобода на медиумите во 2023 година има Грција која се најде на 107. место.
Најдобри за слободата на новинарството се скандинавските земји – Норвешка, Данска, Шведска, Финска, а 2-ра е Ирска. Автократските азиски држави се на дното, најлошо стојат Туркменистан, Иран, Виетнам, Кина и Северна Кореја, наведува извештајот на Репортери без граници.












